
Труење во Загреб: неколку студенти завршиле во болница со тешки симптоми
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 01 Април 2025

Шест лица вчера попладне побарале итна медицинска помош поради сомнение за труење со храна по оброк во студентската менза на колеџ во Загреб. Станува збор за менза на приватен ресторан, каде што студентите користат субвенционирани оброци, а се наоѓа веднаш до Геодезискиот, Градежниот и до Архитектонскиот факултет, пренесуваат тамошните медиуми.
Сите се препратени на Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“, каде што им се укажани лекарски услуги, а две лица поради тешки симптоми се задржани во болница, пренесува „Индекс.хр“.
Подоцна уште едно лице побарало помош, а друго со изразени симптоми одбило лекарска помош.
Поради настанот, на терен излегле службеници од Државниот инспекторат и од Санитарната инспекција, кои извршиле надзор на просторот за обезбедување храна за ученици.
Една студентка за порталот „Средња.хр“ изјавила дека во тоалетот на факултетот наишла на двајца студенти кои повраќале и кои ѝ кажале дека јаделе болоњезе во мензата.
Недолго потоа таа и колешката се упатиле кон мензата, но се откажале бидејќи во студентската група на „Воцап“ пристигнала порака дека на неколку студенти од колеџот не им е добро и дека мензата е затворена.
„Веќе бевме пред мензата, па ги прашавме работниците дали е вистина дека се затворени. Тие рекоа дека не знаат ништо. Тогаш дојдоа сопствениците на ресторанот и почнаа да се правдаат дека сè е во ред, дека меленото месо е свежо, дека мензата неодамна била отворена“, раскажува таа.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
