Масовни кремирањa, сè мириса на смрт во Мјанмар: преживеаните во очај, луѓето клекнати на улица и плачат

Сè послаби се надежите во Мјанмар дека ќе се пронајдат живи луѓе по разорниот земјотрес од 7,7 степени според Рихтеровата скала. Во тек се масовни кремирања и сè мириса на смрт, пренесуваат светските агенции.

 

 Во Мјанмар е во сила седумдневна национална жалост откако досега е потврдена смртта на речиси 2.800 луѓе.

 

Спасувачите итно бараат преживеани во урнатините бидејќи помина критичниот период од 72 часа по земјотресот поради што се стравува дека бројот на загинатите може да биде многу поголем, соопшти Американскиот геолошки институт.

 

„Телата на оние што загинаа во Мандалај мораа масовно да бидат кремирани“, изјави за Би-би-си еден студент, кој живее во населбата Махаунгмјај.

 

20-годишната девојка, која сакаше да остане анонимна и се идентификува само како Ј, ја загуби својата тетка во земјотресот што минатиот петок го погоди Мјанмар. „Но, нејзиното тело беше извлечено од урнатините само два дена подоцна, на 30 март“, рече таа.

 

Оние кои преживеале, сепак, живеат во очај, додаде таа, нагласувајќи дека таа и нејзиното семејство едвај спијат и дека секој ден се сведоци на нови штети бидејќи земјата продолжува да се тресе.

 

„Видов многу луѓе, а и јас го правам тоа, како клечат на улица и гласно плачат“, рече таа.

 

Децата се особено погодени. „Тие не сакаат да се вратат во своите домови. Речиси сите во градот одлучија да спијат на улица додека сè не се смири. Спасувачките екипи работат без престан четири дена и мислам дека веќе се малку исцрпени. Им треба одмор. Но, поради обемот на уништувањето и недостигот на ресурси, едноставно е тешко за хуманитарните тимови успешно да одговорат на ваква катастрофа“, рече таа.

 

Според новинар на Би-би-си, градот е целосно мрачен бидејќи нема струја и вода за пиење.

 

Според него, постои голем проблем во функционирањето на интернетот.

 

„Подоцна почувствувавме силен последователен потрес. Чувствувавме дека не е безбедно да спиеме во хотелот, па отидовме да побараме засолниште во блискиот манастир. Утрото се вративме во хотелот само за да си ги земеме куферите“, рекол новинарот на британскиот јавен сервис.

 

Кога утрото, како што вели, го виделе Мандалај, сфатиле дека градот е во урнатини.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.