Трговската војна меѓу САД и Кина може да го попречи глобалното снабдување со лекови што спасуваат животи

Одговорот на Кина на новите американски царини може да го отежне снабдувањето со важни лекови, покажа анализата на „Ројтерс“ на податоците од кинеските регулатори.

 

Пред околу две недели американскиот претседател Доналд Трамп најави дополнителна реципрочна царина од 34 отсто за увозот од Кина, со што вкупните давачки ќе достигнат 54 отсто.

 

Кина возврати со царини од 34 отсто на американскиот увоз, а Вашингтон одговори со уште повисоки давачки.

 

Ескалацијата на американско-кинескиот трговски конфликт резултира со зголемување на кинеските царини за американски стоки на 125 отсто, а американските царини за кинеските производи на 145 отсто.

 

Големите фармацевтски компании, вклучувајќи ги „Астра Зенека“, „Санофи“, ГСК и „Ели Лили“ имаат најмалку една производна локација во САД за лекови што ги продаваат во Кина, покажаа податоците од кинеската Управа за медицински производи.

 

Во погон во американската сојузна држава Индијана, „Астра Зенека“ го произведува лекот за рак „дурвалумаб“, а „Ели Лили“ таму го произведува лекот за дијабетес и слабеење „тирзепатид“, покажуваат податоците.

 

Американската држава Северна Каролина е наведена како локација на која „Астра Зенека“ и „Санофи“ го произведуваат антителото нирсевимаб за превенција на респираторниот синцицијален вирус (RSV). Погонот што го произведува лекот за ХИВ на ГСК со активни состојки ламивудин/долутегравир исто така се наоѓа таму. Податоците што ги анализира „Ројтерс“ не прецизираа колкав дел од лековите произведени во фабриките во САД се испорачуваат во Кина.

 

Како одговор на истрагата на „Ројтерс“ за кинеските тарифи и нивните ефекти, портпаролот на „Ели Лили“ рече дека тие сè уште ги разгледуваат деталите одбивајќи да коментира дополнително.

 

Ниту „Астра Зенека“ ниту ГСК не сакаа да ги коментираат кинеските тарифи, а „Санофи“ не одговори на барањето на „Ројтерс“ за коментар. Експертите предупредуваат дека кинеските царини за американските производи може да доведат до зголемување на цените или ограничување на набавката на некои лекови.

 

„Пациентите и потрошувачите во Кина исто така би можеле да ги почувствуваат ефектите од тарифите во зависност од производот бидејќи производството на лекови не може да се премести на краток рок“, рече Ерик Јандраситс, шеф за трговски работи во швајцарското деловно здружение за фармацевтска и биотехнологија „Сајанс индустриес“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.