Институт за војна: Лавров и Путин подготвуваат терен за инвазија на земјите на НАТО

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и други високи функционери во Москва се обидуваат да го искористат руското колонијално минато за да ја оправдаат евентуалната идна агресија врз членките на НАТО, се вели во новата анализа на Институтот за проучување на војната (ИСВ). Земјите на НАТО, особено оние кои се граничат со Русија, се’ повеќе предупредуваат дека Москва би можела да ја нападне територијата на Алијансата во наредните години.

 

Долго време се шпекулира дека Кремљ можеби нема да почне отворена воена инвазија, туку наместо тоа користи тактики за хибридно војување – како што се сајбер напади, ширење на дезинформации и напади врз клучната инфраструктура, како што се подморските кабли. Но, можностите се многубројни. Русија би можела да ја „тестира силата на НАТО“ преку ограничени територијални упади, рече генерал-полковник Јирген-Јоаким фон Сандрарт, поранешен командант на мултинационалниот корпус на НАТО североисточниот дел во Полска, во интервју за „Њусвик“ непосредно пред да ја напушти функцијата во ноември.

 

НАТО се заснова на принципот на колективна одбрана од член 5 од основачкиот договор, според кој напад врз една членка е напад врз сите.

 

Сергеј Лавров за рускиот „Комерсант“ изјави дека опасно е кога фашистите владеат со територии кои отсекогаш им припаѓале исклучиво на Руската империја и на Советскиот Сојуз. Ваквите изјави покажуваат дека Кремљ сè уште смета дека независните земји со кои некогаш владеела Руската империја или СССР се дел од модерна Русија, предупредува „ИСВ“ во својата најнова анализа.

 

Институтот потсетува дека Естонија, Латвија и Литванија – трите балтички држави на источниот раб на НАТО – како и Молдавија, беа дел од поранешниот Советски Сојуз и Руската империја. Денес Молдавија е во преговори за влез во Европската унија. Финска, една од најновите членки на НАТО со која Русија дели долга копнена граница, исто така беше под руска власт во 19 век. Значаен дел од Полска исто така некогаш бил дел од Руската империја.

 

„Неколку високи руски функционери, вклучително и претседателот Владимир Путин и советникот за национална безбедност Николај Патрушев, ја користат историјата на рускиот колонијализам за да го подготват теренот за идна агресија против државите на НАТО“, предупредува овој институт.

 

Естонската разузнавачка служба на почетокот на годината предупреди дека доколку Русија успешно ја реформира војската, НАТО повторно би можел да се соочи со советскиот модел на масовна армија во следната деценија.

 

На крајот на 2022 година, поранешниот руски министер за одбрана Сергеј Шојгу најави длабински реформи на руските вооружени сили. Иако таквата армија би била технолошки послаба од НАТО, освен во областа на електронското војување и ударите со долг дострел, естонските власти нагласуваат дека нејзиниот севкупен воен капацитет би бил „значаен“.

 

Данската воена разузнавачка служба, исто така, оваа година предупреди дека Русија можеби е поподготвена да употреби сила во регионалните конфликти со една или повеќе европски држави на НАТО, особено ако оцени дека НАТО е ослабен или политички поделен. Според нивните проценки, на Русија и требаат околу пет години да се подготви за голема војна на европско тло без американско воено учество.

 

Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур во ноември изјави за „Њузвик“ дека доколку има прекин на огнот во Украина, а руските трупи кои моментално се распоредени на истокот бидат ослободени од тие обврски, Путин ќе има стотици илјади војници подготвени за нови операции.

 

„Тоа значи дека руската армија ќе има на располагање големи сили кои најверојатно ќе бидат префрлени во нашето соседство“, предупреди Певкур.

 

Балтикот и Полска се водечки меѓу членките на НАТО кои брзо ги зголемуваат инвестициите во одбраната. Целта е да ги зајакнат сопствените армии и на тој начин да ја одвратат Москва од можни напади





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.