Борисов ослободен од притвор

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов вечерва е ослободен откако му истече 24-часовниот притвор. Kaко што рече, немало обвинение против него.

„Брутално, гадно, не' вратија во комунизмот. Вечераме синоќа, влегува полиција. Ниту обвинение, ништо. На крајот излезе дека ништо не е пронајдено. Мислев дека ќе си заминат, и рекоа: ќе те задржиме. Не' донесоа овде. Издржавме 24 часа“, изјави Борисов додавајќи дека е загрижен оти следниот пат може да го убијат.

Од притвор беа ослободени и поранешниот министер за финансии Владислав Горанов и  Севдалина Арнаудова од службата за односи со јавност на Борисов, пренесе БГНЕС.

Бугарската полиција претходно  истакна дека нивната операција била спроведена со целосно почитување на законот, а извршени се претреси на три адреси. Од полицијата синоќа објавија: „Во тек е голема операција во врска со 120 случаи на Европското обвинителство во Бугарија за злоупотреба на средства од ЕУ. Претреси и заплени се вршат на многу адреси. Во моментов се приведени Бојко Борисов, Владислав Горанов, Менда Стојанова и Севдалина Арнаудова. Акцијата продолжува“.

Претходно денеска во прес-центарот, државното обвинителство појасни дека правната квалификација на наводното кривично дело наведена во известувањето кое го добиле од МВР по факс „ја исклучува надлежноста на Европското обвинителство во овој случај“.

Десетици симпатизери, речиси целото раководство на партијата ГЕРБ, младинската организација и членови на пратеничката група излегоа пред зградата на Националната полиција.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.