Зеленски: Блокадата на Мариупол ќе влезе во историјата како воено злосторство

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во ново видео рече дека блокадата на Мариупол ќе влезе во историјата како воено злосторство.

„Она што окупаторите му го направија на мирниот град е терор што ќе се памети со векови“, посочи Зеленски.

„Колку повеќе Украинците зборуваат за тоа пред светот, толку ќе добиеме посилна поддршка“, продолжи украинскиот претседател, а потоа заклучи: „Последиците ќе бидат сè потешки ако Русија продолжи да ја тероризира Украина“.

Според бројни експерти, Мариупол стратешки е многу важен град за Русија, бидејќи со неговото заземање би се поврзала претходно освоената територија.

Зеленски денеска се обрати пред израелскиот парламент преку видео-врска и истакна дека 24 февруари, датумот на рускиот напад врз Украина, бил и датумот кога во Германија во 1920 година била основана Национал-социјалистичката германска работничка партија, нацистичка партија која уништила цели земји и се обидела да изврши геноцид, објави израелскиот весник „Тајмс оф Израел“.

Тој го повика Израел да му помогне на украинскиот народ во отпорот против руската армија.

Зеленски, исто така, ја цитираше поранешната израелска премиерка Голда Меир, односно зборовите: „ние сакаме да живееме, но нашите соседи сакаат да нè видат мртви“.

„Подготвени сме на компромис“, додаде тој, а во својот говор, повлече директна паралела меѓу денешна Украина и историјата на Израел соочена со арапско непријателство.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.