(Видео) Во Аеродром отворена канцеларија за услуги за граѓаните
- Детали
- Категорија: Аеродром
- Создадено: 26 Октомври 2024
Претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски и градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска го отворија новиот Центар за услуги во Општина Аеродром.
Со тоа ќе биде овозможен пристап до административните услуги на едно место, меѓу кои од МВР, Катастарот на недвижности, Централен регистар, Фонд за здравство, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување.
Премиерот Мицкоски рече дека ваквите канцеларии кои кога ќе се отворат на целата територија на државата, тогаш ќе може да се зборува дека во Македонија има реална борба против корупција.
„Дигитализирањето, транспарентните услуги, сето ова што се случува ја намалува можност за корупција. Знаете како беше, тоа не така одамна, кога за 500 денара требаше да ви направи некој услуга и да извадите извод од родените. Така од прилика тоа функционираше. Исто така ќе ве потсетам на сите оние гужви и понижувачки моменти за македонските граѓани, кога мораше да вадат патни исправи, лични карти, возачки дозволи, сето тоа. Сега сето тоа е минато за многу кратко време, за 4 месеца, успеавме сето тоа да го сведеме во рамките на законскиот рок“, рече Мицкоски.
Mинистерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, рече дека како жител на оваа општина, точно знае со што се соочуваат граѓаните од Аеродром, а тоа е да не можат ниту една услуга да добијат во рамки на својата општина и покрај тоа што станува збор за една од најбрзорастечките општини во државата со преку 70.000 жители.
„Од огромно значење е што првиот од најавените Центри за услуги го отвораме токму тука, ќе бидат достапни повеќе од 100 услуги, од Фондот за здравство, Катастарот на недвижности, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување како и многу други институции. ” истакна Андоновски.
“Овој центар не е само место за издавање документи. Тука ќе имате обучени службеници кои ќе ви помогнат да научите како сами да ги користите електронските услуги. За оние на кои технологијата им претставува предизвик, нашите службеници ќе бидат тука да помогнат во целиот процес”, додаде министерот.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески изјави дека во рекордно кратко време успеале да создадат услови за да се отвори оваа канцеларија каде што граѓаните на Аеродром ќе можат да добиваат услуги од институциите.
Во следната фаза е предвидено да се поврзат и општините на националниот портал за услуги, што значи дека и општинските услуги ќе бидат поблиску до граѓаните преку ваквите Центрите за услуги.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс