Општина Аеродром: ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче добива проширување на капацитетите за над 100 ученици

Општина Аеродром издаде одобрение за доградба и надградба на ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче и со овој проект веќе е аплицирано на вториот јавен повик од Владата за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти, информираат од општината.

 

В. д. градоначалникот, Дејан Митески, го потпиша одобрението со кое најстарото училиште во Аеродром за прв пат од своето постоење ќе добие проширување на капацитетите за над 100 ученици.

 

Доградбата и надградбата опфаќаат 300 квадратни метри нова површина на постојното источно крило од училиштето, при што покрај трите нови училници и нова канцеларија, ќе бидат изведени нова кровна конструкција, внатрешна и надворешна столарија, нови подови, нова термичка фасада, целосно нова опрема, како и нови електрични, водоводни, термотехнички и противпожарни инсталации.

 

Во централното училиште во Горно Лисиче учат околу 500 ученици, додека во подрачното училиште на ООУ „Гоце Делчев“ што се наоѓа во Долно Лисиче настава посетуваат речиси 200 деца.

 

Општина Аеродром, како што додаваат од таму, е фокусирана на проширување на капацитетите и на подобрување на условите како во училиштата, така и во детските градинки. „Периодов интензивно се работи на капиталните проекти за доградба и надградба на ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин, како и на доградба и надградба на објектот „Изворче“ во Стар Аеродром во рамките на градинката Срничка“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.