Околу 14.000 македонски граѓани останаа без денар вложувајќи пари преку Конти
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 05 Октомври 2024
Граѓаните да внимаваат со потенцијалните инвестиции преку различни апликации, апелираше денес министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и информира дека досега не е поднесена ниту една кривична пријава поврзани со апликацијата Конти која остави без денар околу 14.000 македонски граѓани кои вложувале пари преку Конти, а биле членови на група на Телеграм.
Според Тошковски, оние што учествувале како жртви во овој, како што рече, потенцијално кривично-правен настан, да се обратат до МВР за да се истражат случаите и соодветно да се реагира.
„Според информациите од утринава, кривична пријава официјално не е поднесена, но изразувам оргомна загриженост за ваков пирамидален инвестициски финансиски потенцијален криминал што се случува по не знам кој пат во земјава. Од службите бев информиран дека многу слична апликација за измама била констатирана и во 2022 година. И тогаш е упатен апел граѓаните особено да внимаваат кога станува збор за вакви потенцијални инвестиции кои најчесто завршуваат како класични измами. И сега апелирам, граѓаните особено да внимаваат на вакви инвестициски вложувања, да се консултираат со експерти од областа, да се обратат и до МВР каде исто така има експерти кои првично може да проценат дали станува збор за потенцијална измама, а оние што учествувале како жртви во овој потенцијален кривично-правен настан, да се обратат до МВР за да истражиме и соодветно да постапиме“, истакна министерот по прес-конференцијата по повод 100 дена од работата на Владата.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс