Божиновска во ХЕЦ „Тиквеш“: Водостојот на критично ниво, последица од несовесно управување, времето за акција е сега
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 03 Декември 2024
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес ја посети хидроелектраната „Тиквеш“ за да се информира за моменталната состојба со хидропотенцијалите, техничката подготвеност и предизвиците поврзани со водостојот во земјата.
Нивото на големата вештачка акумулација во земјава, Тиквешкото езеро, останува далеку под потребното ниво. Водата од езерото не е ниту до горниот праг од тунел Тисовец кој е на кота 245 м водостој на Тиквешкото езеро. Генерално состојбата е критична на ниво на цела држава, е оценката на надлежните.
Божиновска заедно со директорот на електраната, Звонко Бошков, и претставници на раководството на ЕСМ беше во обиколка на ХЕЦ Тиквеш. При обиколката на браната, беше јасно видливо дека нивото на водата е далеку под потребното ниво. Празниот простор некогаш исполнет со вода сега сведочи за сериозноста на ситуацијата. Министерката ја нагласи итната потреба за внимателно и одговорно менаџирање со ресурсите. Сликата која ја затекнавме испраќа јасна и итна порака – енергијата не е бесконечна, истакна Божиновска.
„Ова е повик за будност. Ќе вложиме максимални напори за оптимизирање на користењето на ресурсите. Ќе се занимавме и со тоа зошто ни се опустошени македонските енергетски капацитети, но јас знам дека со чесен пристап со макотрпна работа, може да се промени сегашната слика и нема да се откажам, ниту јас, ниту оваа влада, од намерата Македонија да биде енергетски независна земја“, истакна Божиновска.
Тимот од хидроелектраната информираше дека освен критичната состојба со водата, стравувале и од хаварија, бидејќи доколку нивото на водата продолжи да паѓа со влез на воздух во доводниот цевовод, може да доведе до кавитација и сериозни оштетувања на системот. Присутните истакнаа дека ова е прва посета на ресорен министер по речиси две децении, а денешниот ден им донел и поволни временските услови. Денес имало доток на вода 7 пати повеќе од претходниот период, благодарение на обилните дождови изминатото деноноќие.
„Наследив празна акумулација, со кота која е 12 метри под просечната за овој период од годината. Но денес за прв пат имаме дотоци кои по подолго време се двоцифрени. Деновиве имавме дотоци од 5 кубни метри во секунда, а само во последните 24 часа имаме дотоци од 77 кубни метри во секунда и се надеваме дека тоа ќе оди во нагорна линија и дека идното производство ќе биде во функција на зголемувањето на приходите на нашата компанија а со тоа и на подобрување на примарната и секундарната регулација која ќе овозможи постабилен енергетски систем во нашата држава“ изјави директорот на ХЕЦ Тиквеш, Звонко Бошков,
Министерката сакаше и лично да ја види состојбата во машинската зграда која се наоѓа во подножјето на браната. ХЕЦ „Тиквеш“ произведува електрична енергија со инсталирана моќност од 113 MW и годишно производство од 144 GWh, но сега се соочува со сериозни ограничувања поради недостигот на вода, информираат од министерството.
Раководството ја информираше министерката и за идните инвестициски планови за подобрување на состојбата. Министерката изрази благодарност до тимот на ХЕЦ „Тиквеш“ за нивната посветеност во одржувањето на производството.
Работната посета на хидроелектраната „Тиквеш“ е дел од континуираните активности на Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини за зајакнување на транспарентноста, ефикасноста и долгорочната стабилност на енергетскиот сектор.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс