
Бислимоски: Oд 1 јуни ќе бидат на располагање дополнителни 500 GWh, со кои ќе може да се тргува на слободниот пазар во Косово, одлична бизнис-можност
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 13 Мај 2025

Од 1 јуни македонските снабдувачи и трговци со електрична енергија ќе имаат можност да снабдуваат нови 1.000 потрошувачи од косовскиот пазар, каде што почнува дополнителната фаза на либерализацијата на пазарот со електрична енергија. Ова беше повод Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) да иницира состанок на кој косовскиот регулатор пред македонските снабдувачи и трговци ги презентира чекорите како полесно да пристапат на пазарот кај нив.
„Откога ги презедовме сите неопходни активности како регулатори и извршивме заемно признавање на лиценците за снабдување и трговија, сега сакаме компаниите да ги мотивираме да ја искористат оваа можност. Поголем пазар носи поголема конкуренција, а бенефитот е пониски цени за електрична енергија. Сега, за помалку од еден месец, односно од 1 јуни, ќе бидат на располагање дополнителни 500 GWh, со кои ќе може да се тргува на слободниот пазар на Косово и ова е одлична бизнис-можност за наште снабдувачи и трговци“, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Претседателот на косовскиот регулатор, Канцеларијата на енергетскиот регулатор од Република Косово (ЕРО), Имер Фејзулаху, им посака добредојде на македонските снабдувачи истакнувајќи дека тие имаат повеќе искуство со оглед на тоа дека македонскиот пазар е одамна либерализиран.
„Ова е само меѓучекор кон приклучување кон единствениот пазар што го бара од нас Европската Унија. Во прилог на сите ни е да има намалени административни бариери, а зголемена конкуренција“, изјави Имер Фејзулаху од ЕРО (Канцеларијата на енергетскиот регулатор од Република Косово) (Energy Regulatory Office).
Со цел да се зголеми конкурентноста на пазарите во двете држави, РКЕ и ЕРО во 2023 година потпишаа меморандум за соработка со кој заемно се признаваат лиценците за снабдување и тргување со електрична енергија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
