Се одржа манифестацијата „Македонија живее“ во Гази Баба
- Детали
- Категорија: Гази Баба
- Создадено: 06 Септември 2024
Вчера, на плоштадот во Автокоманда во организација на општина Гази Баба се одржа манифестацијата во чест на 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.
Пред граѓаните свое обраќање имаа градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски и Министерот за локална самоуправа Златко Перински.
„Денес кога одбележуваме 33 години од нашата независност, имаме должност да ги прелистаме страниците на долгата македонска историја, бидејќи не смееме да дозволиме правта на заборавот да ги покрие делата на илинденците, партизаните, асномците и бранителите“, истакна Стефковски пред граѓаните.
„За жал долги години по неговото прво заседание, една мината влада реши да го избрише токму АСНОМ од преамбулата на Уставот на Република Македонија. Па зарем некој мисли дека со менување на уставот може да ја избрише колективната историја на македонскиот народ? Секако дека не! Во услови на безнадеж проработи имунитетот на македонскиот народ. После долги години национални понижувања, Македонија доби влада која знае дека постојат прашања за кој не се преговара, стекнати права за кои не се разговара и црвени линии преку кои не се поминува“, заклучи Стефковски.
На почетокот на настанот се оддржа перформансот „Македонија живее“ во кој вокално инструменталната група Аманет изведе неколку македонски патриотски песни поврзани со историјата на македонија, а македонските актери Григор Јовановски и Ирена Илиевска ги прочитаа конститутивните документи, Манифестот на АСНОМ и Декларацијата за независност на Македонија. Крајот на перформансот го одбележа спектакуларната изведба на Заветна од страна на естрадниот уметник Бојана Скендеровски.
Покрај перформансот, настанот имаше и музичка програма во која учествуваа Огнен Здравковски, Миле Кузмановски, Андријана Јаневска и Ансамблот за народни песни и ора Јонче Христовски.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс