Мали се шансите Арсовска да добие од унгарските пари за нови автобуси, Перински нагалси дека замислата на проектот не е набавка на средства
- Детали
- Категорија: Град Скопје
- Создадено: 13 Септември 2024
Нема да остане локална самоуправа што не аплицирала за средствата што Владата ги нуди за подобрување на инфрастуктурата, рече денес министерот за локална самоуправа, Златко Перински. Меѓу апликантите е и Град Скопје, кој поднесе 20 проекти, вклучително и проектот за набавка на 95 нови автобуси за јавниот превоз, откога градоначалничката Данела Арсовска не успеа да го убеди Советот на Скопје да ѝ даде поддршка за таа да ги набави. Шансите Арсовска да добие од унгарските пари за автобуси се мали оти министерот Перински денес нагласи дека основната цел на проектот не е набавка на основни средства.
„Основната замисла на проектот не е да се набавуваат основни средства, туку да се интервенира во инфраструктурата. Тоа е основата, но да почекаме да видиме каков ќе биде исходот од евалуационите комисии, па да носиме заклучоци. Инаку, поентата на овој повик беше онаму каде што самите локални самоуправи немаат доволно средства да инвестираат во подобрување на водоводната канализационата, патната инфраструктура, во делот на образованието, тоа да го направат преку оваа можност, која ја даваме преку централниот буџет. Тоа е главната и основна замисла на проектот“, рече министерот Перински.
Апликацијата на Град Скопје ќе биде разгледана и оценета на ист начин како и апликациите од другите локални самоуправи. Министерот Перински извести дека до вчера, кога беше последен ден за аплицирање, добиле проекти од 72 општини, но бројката не е конечна.
„Вчерашниот ден го затворивме со апликации од над 72 општини со 330 проекти. Да почекаме да го затвориме и денешниот ден затоа што има информации дека одредени локални самоуправи апликациите ги испратиле по пошта, мислам дека е коректно да почекаме уште некој час“, вели министерот Перински.
По затворањето на повикот, следува рок од 10 дена, во кој општините треба да ги достават на увид целосните проекти, со целата документација и одобренијата за градење до ресорните министерства, а кои ќе формираат комисии за оценување на проектите.
Општините имаат на располагање половина од заемот од Унгарија, односно 250 милиони евра за инфраструктурни проекти.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс