Меџити: ЈСП утре добива шест електрични автобуси, Владата ќе купи уште 120 и ќе им ги донира на општините со цел намалување на загадувањето
- Детали
- Категорија: Град Скопје
- Создадено: 25 Ноември 2024
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, оценува дека природата овие денови направи Скопје да не е на врвот на листата на најзагадени градови.
И ова, според него, не е од денеска, туку е од поодамна.
Меџити, како што нагласи, сака повеќе да се занимава со причините отколку со последиците за овој случај.
„Главен фактор е тоа што индивидуалните домувања се греат на сè и сешто, не по нивна вина, туку дека досега не сме им овозможиле. Во овој дел сакаме да го вратиме проектот за гасификација и да го тераме до крај. Тоа ќе биде прво што ќе придонесе за намалување на загадувањето. Второ, да го субвенционираме централното греење, односно луѓето да почнат да се враќаат на централното греење бидејќи тоа е уште почисто од гасификацијата“, нагласи министерот за животна средина, Меџити.
Според него, главниот фактор за загадувањето во градот е урбаниот транспорт и затоа, како што најави, утре ќе му се донираат шест електрични автобуси на Град Скопје, односно на ЈСП, на кои, како што потсети, деновиве Владата им помогна со позајмување нафта за да бидат во функција.
„Деновиве, разговараме и пред одлука сме Владата да купи 120 електирчни автобуси, кои ќе бидат доделени како донација на јавниот транспорт во општините, особено во урбаните средини. Има одлука и акциски план од Владата, од сите сектори се преземаат мерки, но јас сум повеќе за тоа да се елиминираат причините“, потенцира Меџити.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс