
Отстранети 𝟩𝟧 кубни метри отпад од диви депонии во скопските општини Чаир, Бутел, Центар и Ѓорче Петров
- Детали
- Категорија: Град Скопје
- Создадено: 18 Март 2025

Во текот на вчерашното деноноќие, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија приближно 75 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Бутел, Центар и Ѓорче Петров.
„Во општината Чаир е интервенирано на улицата Џон Кенеди, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“ каде што се подигнати близу 20 кубни метри непрописно одложен кабаст и мешан комунален отпад. Посочената локација претставува таканаречена „црна точка“ каде што веќе подолг период континуирано се одлага отпад на јавни и сообраќајни површини. Во оваа скопска општина беа отстранети и 10 кубни метри отпад од дива депонија лоцирана на улицата Славеј Планина, во близина на скопското Теќе“, известува ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„На улицата Ферид Бајрам во скопската општина Бутел се подигнати 10 кубни метри непрописно одложен кабаст и отпад од картонски пакувања. ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше активности за подигнување отпад од диви депонии и во општината Центар, каде што е интервенирано на улицата Васил Ѓорѓов и на булеварот Илинден, во близина на Зоолошката градина и Тениското игралиште, при што се расчистени 15 кубни метри кабаст, градежен и отпад од картонски пакувања одложен на сообраќајни и тревни површини.
Во скопската општина Ѓорче Петров беа подигнати вкупно 20 кубни метри непрописно одложен кабаст отпад на главната улица и на улицата Борис Сарафов“, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
