
Жители на „Треска“: Со години се случуваат пожари, ова е небезбедно место за живеење
- Детали
- Категорија: Град Скопје
- Создадено: 14 Април 2022

Дел од жителите на работничките станови кај Треска реагираат дека никој не нашол решение за нивната безбедност и дека денешниот пожар не бил прв, а тие стравуваат и од нови експлозии.
„Не е првпат да апелираме дека Треска е небезбедно место за живеење, каде многу често доаѓа до пожари, а неодамна испративме и известување до јавноста дека старата фабрика за мебел е еколошка темпирана бомба.
Повеќепати сме биле сведоци на палење на електрични кабли поради крадење на бакарот, што доведувало до бројни пожари и интервенции на Противпожарната служба, меѓутоа поради непристапноста на теренот последиците биле огромни. Секојдневно гледаме разбојништва во напуштениот индустриски капацитет и „Треска“ веќе одамна е прибежиште на крадци, бездомници и наркомани.
Стравуваме за безбедноста на нашите животи и безбедноста на нашите деца, кои наместо да живеат во урбанизирана населба сред центарот на Скопје, во своите дворови гледаат наезди од инсекти, змии и стаорци.
Практично од самото затворање на фабриката, оваа локација е потенцијална опасност не само за нас жителите, туку и за сите граѓани на Скопје, и бараме итно решавање на проблемот и конечно урбанизирање на овој дел од градот. Од нашето уставно загарантирано право на достоен живот нема да се откажеме, а денешниот пожар е само уште една потврда дека овде до овие рушевини повеќе не е безбедно да се живее.
Ние жителите стравуваме дека може да има нови експлозии и нови поголеми пожари, а нашите повици за урбанизација на оваа локација не доаѓаат само поради денешната катастрофа, туку поради сè понеподносливите услови за живот.
Како и сите граѓани, и ние сакаме отворени прозорци со свеж воздух и зеленило, а не смрдеа, страв од разбојници и живот на депонија“, се наведува во нивната реакција.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
