Наградата за меѓународни копродукции од „Еуримаж“ ѝ се доделува на Лабина Митевска
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 20 Ноември 2024
Македонската продуцентка и актерка Лабина Митевска е добитник на годинешната награда за меѓународни копродукции од „Еуримаж“.
Лабина Митевска е еден од основачите на семејната продуцентска куќа „Сестри и брат Митевски“ од Скопје.
Жирито вели: „Оваа награда ѝ се доделува на Лабина Митевска како почит кон дарбата на една семејна продукција, страсно посветена на европската кинематографија. Се наградува мајсторската изработка на висококвалитетна кинематографија постигната преку многубројни извонредни меѓународни копродукции, кои се гордост на фондот ‘Еуримаж’“.
Наградата за меѓународни копродукции од „Еуримаж“ ја доделува Европската филмска академија во соработка со „Еуримаж“ и со со фондот за поддршка на културата на Советот на Европа.
Наградата ја потврдува клучната улога на копродукциите во зајакнувањето на меѓународната размена и претставува награда од национален интерес за македонската кинематографија.
„Да се добие оваа награда, е потврда на повеќегодишниот, повеќедецениски труд на највисоко професионално ниво. Ова е доказ за изградената врвна репутација на Лабина Митевска како бескомпромисен борец за филмската уметност, за почитта што ја ужива од колегите во Европа, без дамка во својата кариера и пример за професионалност и посветеност. Наградата се доделува од најистакнатите и најзначајни филмски асоцијации во Европа и воедно се награда и за македонската кинематографија“, изјавија од продукцијата.
Копродукциите се неминовност за филмската продукција во Европа и Лабина во својата забележителна продуцентска кариера има остварено успешна соработка со доверливи соработници од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Франција, Белгија, Германија, Шведска, Данска, Турција, Романија. Речиси сите филмски проекти на кои има работено и како мнозински и како малцински копродуцент се избрани во селекциите на трите најголеми филмски фестивали – Берлин, Венеција и Кан – и се наградувани и прикажувани во светот.
„Нека светлината на оваа награда биде патоказ во овие мачни времиња низ кои проаѓаат филмските професионалци во Македонија и потврда дека со чесност, посветеност, одговорност и со многу многу труд сè е можно. Оваа награда е уверение дека ѝ припаѓаме на Европа кога работиме европски,“ изјави Лабина Митевска
Лабина Митевска ќе биде почесен гостин на гала-приемот на 37. Европски филмски награди на 7 декември во Луцерн, каде што лично ќе ја прими доделената награда.
Церемонијата на Европските филмски награди е овозможена од Европската филмска академија и од Европските филмски награди – продукција „гГмбХ“.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс