Златна гала-премиера за 𝟥𝟢 години од класикот „Пред дождот“ на Манчевски
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 03 Декември 2024
„Пред дождот“, македонскиот светски признат класик на Милчо Манчевски, филмот што го градеше идентитетот и му даде лице на името Македонија, ќе ја прослави 30-годишнината со златна гала-премиера на реставрирана копија.
Овој настан, на 9 декември, во 20 часот, во Филхармонијата одбележува 30 години од најголемиот успех на Македонија – не само во културата, туку и воопшто. Oва е прв и засега единствен пат македонско дело да победи на најважен светски мегдан.
На златната премиера ќе присуствуваат авторот Манчевски и дел од домашната и странска екипа на филмот, меѓу кои и актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец, Дејвид Манс, монтажерот Николас Гастер, директорот на фотографија, Мануел Теран, композиторот Златко Ориѓански, актерите Петар Мирчевски, Катерина Коцевска, Силвија Стојановска и Сузана Киранџиска, а со видеопорака и Сајмон Пери, поранешниот директор на „Бритиш скрин“ и најзаслужен за можноста да се сними „Пред дождот“. Специјално за премиерата од Рим доаѓа и италијанскиот копродуцент на „Збогум, Копакабано“, новиот филм на Манчевски.
Присуството го потврдија дури 21 амбасадор во Македонија и личности од политичкиот и јавен живот. Со цел овој свечен настан да биде достапен и за сите љубители на филмот ограничен број бесплатни билети ќе бидат достапни на касата на Филхармонијата.
Одбележувањето на 30-годишнината во Скопје е организирано со приватни средства и со трудот на група професионалци, без учество на државата во организирањето, ниту во финансирањето на настанот.
Златната гала-премиера ја финансира „Витаминка“.
„Дајнерс“ и „Државна видеолотарија на Република Македонија – Касинос Аустриа ДОО Скопје“ ги поддржаа изданијата, биографската книга „Милчо за Манчевски“ и изданието на меморијалниот есеј, „Убавите работи долго траат“, кои ќе бидат бесплатно достапни за публиката, Британскиот совет го обезбеди доаѓањето на гостите од странство, а „Мајпринт“ печатарските услуги.
Појавувањето на „Пред дождот“ е дел од создавањето на државноста и на националното самочувство. Македонија и Македонците може да создадат дело што се смета за светски класик и дело преку кое многумина во светот првпат слушнаа за Македонија.
Или како што ќе каже заменик-амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Даниел Филер, во 2024: „Уметници како Манчевски се оние што го градат идентитетот на оваа земја“.
„Пред дождот“ стана дел од светската културна баштина, стана класик со влегувањето во библиотеката на престижниот „Крајтерион колекшн“ и со тоа што „Њујорк тајмс“ го вброи во 1.000 најдобри филма во историјата.
За „Пред дождот“ е посветена интердисциплинарната академска конференција во Фиренца, има над 5.000 написи за филмот во светскиот печат, вброен е во академската програма на над 200 универзитети, како и во италијанските средни школи, освоил над 30 награди на меѓународни фестивали (меѓу кои и „Златен лав“, ФИПРЕСЦИ, „Индепендент спирит“ и номинацијата за „Оскар“), играл на 220 фестивали и има дистрибуција во над 60 земји, има десетици книги и поглавија во светската стручна литература посветени на овој велик филм.
Годинава, и Државниот филмски архив на Кина и Државната телевизија на Словенија го одбележуваат јубилејот со специјални проекции на „Пред дождот“, а повторно ќе се прикажува и во Бразил.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс