Соработка меѓу Националниот џез-оркестар и академскиот сликар Сергеј Андреевски
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 08 Јануари 2025
„Сликам како џез-музичар“, ќе рече за себе Сергеј Андреевски. „Јас сум сликар што често патува и сонува низ светот вкрстувајќи ги четките и насочувајќи ги своите потези кон сонцето. Светот е моето ателје. Мојата творечка припадност е стилот на постекспресионизмот, а тоа е бесконечна слобода на изразувањето. Звукот е мојот партнер при создавањето. Особено џезот оти јас кога сликам, импровизирам – не случајно велам дека сликам како џез-музичар“.
Со оваа изјава на академскиот сликар Сергеј Андреевски беше најавена соработка меѓу Националниот џез-оркестар и академскиот сликар Сергеј Андреевски.
Имено, оваа година дизајните на плакатите за концертите на Националниот џез-оркестар ќе содржат дела на овој истакнат ликовен уметник со меѓународна кариера. Неговото творештво се движи во границите на постекспресионизмот, а импровизацијата и слободата на изразувањето се едни од главните одлики на џез-музиката, па вксрстувањето на нашите сродни сензибилитети веруваме дека неминовно ќе вроди со плод.
Сергеј Андреевски (1960, Скопје) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1985 година. Во текот на својата кариера добитник е на повеќе стипендии за студиски престој во странство, меѓу кои може да се издвојат оние во Рим („Галерија ди арте модерна“, 1987/88), Нирнберг во 1991 година, потоа во Архус, Данска; Cité des Arts Internationale-Paris, Франција; Acme Art Studios, Вилмингтон, САД; Asolare Fine Arts Foundation, Лексингтон, САД; Imadate, Јапонија; Pi Artworks, Истанбул, Турција; Cromarty Arts Trust, Кромарти, Шкотска; In Situ, Александрија, Египет; Al Maken, Тунис и други.
Андреевски има реализирано над 60 самостојни претставувања во светот, меѓу кои изложбата „Неизложени дела на хартии,“ Општинска галерија REMEZZO во Каламарија, Солун, Грција; АЗБУКА, Народен музеј „Конак кнегиње Милице“, Белград, Србија; Имадате, Јапонија – Музеј на современа уметност; изложби во Фетвил (Fayetteville), Северна Каролина, САД – Музеј на модерна уметност; Париз, Франција – Cité des Arts Internationale; Њујорк, САД – Lincoln Centre, Cork Gallery at Avery Fisher Hall; Франкфурт на Мајна – LHB Bank, Gallery New Europe; Салзбери (Salisbury), Северна Каролина, САД – Waterworks Visual Arts Center, како и многубројни изложби во земјата. Бил дел и од над 200 групни претставувања во светот.
Основач е на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт поинт – Гумно“, со седиште во с. Слоештица, каде што е и куратор на Меѓународната уметничка резиденција и колонија, што успешно се реализира од 2003 година.
Добитник е на повеќе награди и признанија.
Неговите дела се дел од поставките на државни институции, музеи и приватни колекционери во светот.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс