„Браќа Манаки“ и дистрибутерската куќа МЦФ организираат две специјални проекции на оскаровецот „Поплава“

ИФФК „Браќа Манаки“, во соработка со дистрибутерската куќа МЦФ, во рамките на проектните активности на Јадранската мрежа на фестивалите, организира две специјални проекции на „Поплава“ – најдобриот анимиран филм оваа година.

 

Публиката ќе може да го види добитникот на „Оскар“ в четврток (29.5.2025) од 18 часот во киното „Манаки“ во Битола и в сабота (31.5.2025) година од 18 часот во Кинотеката на Македонија.

 

Филмот имаше две номинации за „Оскар“ (за најдобар странски филм и за најдобра анимација), а го доби „Оскарот“ за најдобар анимиран филм,по кој следуваа наградата на Европската филмска академија и „Златниот глобус“.

 

Низата награди продолжи и во рамките на Јадранската мрежа на фестивалите, каде што „Поплава“ (Flow) на режисерот Гинтс Зилбалодис ја освои наградата на публиката за најдобар филм (Adriatic Audience Award). За него гласаа гледачите од сите фестивали членки на мрежата: „Сараево филм фестивал“ (Босна и Херцеговина), Филмскиот фестивал во Херцег Нови (Црна Гора), Љубљански меѓународен филмски фестивал (Словенија), Фестивал на авторскиот филм (Белград, Србија), „Загреб филм фестивал“ (Хрватска) и „Браќа Манаки“ (Северна Македонија), што беше одраз на неговата широка прифатеност и влијание во регионот, а признанието беше свечено доделено на 30. издание на Фестивалот на авторскиот филм во Белград.

 

„Се чини дека на светот му се ближи крајот, преполн со остатоци од човечкото присуство. Мачката е осамено животно, но бидејќи нејзиниот дом е уништен од голема поплава, наоѓа засолниште на брод населен со разни животински видови, со кои ќе мора да се здружи и покрај нивните разлики. Во осамениот брод, кој плови низ мистични пејзажи, тие се движат низ предизвиците и опасностите од приспособувањето на овој нов свет“, стои во најавата на официјалниот трејлер на филмот.

 

Оваа анимација е целосно рендерирана на бесплатниот (open source) софтвер Blender и не содржи никаков дијалог.

 

Јадранската мрежа на фестивали е иницијатива која обединува водечки филмски фестивали од регионот со цел промоција и достапност на квалитетни филмски содржини до поширока публика. Мрежата е поддржана од потпрограмата „Медија“ на програмата „Креативна Европа“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.