Мицкоски: Ќе ја кажам срамната придавка, во моментов сум немоќен

Луѓето што ме знаат, тие знаат дека мојот збор планина тежи. Ќе правам се додека сум жив неправдата да ја исправам, во овој момент сум немоќен. Ќе морам да ја кажам таа срамна придавка, изјави мандаторот Христијан Мицкоски на седницата за избор на нова Влада.

Тој рече дека нападите што ги слуша овие два дена се сведуваат на две тези – Преспанскиот договор и Францускиот предлог.

„СДСМ, не ја научивте лекцијата. Со овие лаги и конструкции нема да ја повратите довербата, ќе треба време да ја вратите. Изборите ги изгубивте затоа што ви играа фудбалчиња понижувајќи пред се вас како личности вашите коалициони партнери а потоа и Македонија како држава. Изборите ги изгубивте затоа што ви се случија Ласкарци, Беса транс, модуларната болница кога луѓе живи гореа а виновен беше кабелот, ви се случија овие порази на изборите затоа што голобради момчиња по некоја случајност роднински поврзани со лидери на ваши коалициони партнери купуваа трговски центри во центарот на Скопје, поразот ви се случи затоа што се возат најскапи ролс ројсери во едно рурално место во западна Македонија, луѓе кои се поврзани со лидери на политички партии кои беа ваши коалициони партнери, поразот ви се случи поради многу работи за кои го разочаравте народот и најмногу затоа што народот сака да гледа нови луѓе, направете ја таа реформа која е неопходна во вашата партија, направете ја катарзата која и треба на Македонија му треба и на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, рече Мицкоски.

Повтори дека бугарски диктат додека тој е премиер нема да помине и уставни измени нема да има.

„Ваков бугарски диктат под вакви околности додека сум јас премиер нема да помине и нема да има уставни измени треба тоа да ви е јасно, направивте грешка таа грешка секој еден граѓанин ќе го чини многу, но најмногу ќе ја чини Македонија“, рече Мицкоски.

Рече и дека секојдневно ќе се бори да работи пристојно и да не ги разочара граѓаните.

„Тоа е мојата борба. Некаде и некогаш ќе успеам, некаде и некогаш можеби не, но она што го ветувам стоејќи овде, е дека нема да се откажам, ќе се борам и ќе биде добро, ќе биде многу подобро, затоа што државата заслужува подобро, нашите граѓани заслужуваат подобро“, рече Мицкоски.

Вети дека уште во првите 100 дена Владата ќе ги подигне стандардите. Макотрпно ќе работат, ќе се грижат, државата ќе се менува, ќе се движи напред и ќе бидат одговорни.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.