Рустеми: Тврдењата на Николоски се неточни и се со впечатлива политичка позадина, стоиме на располагање за сите видови проверки

Директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми ги оценува како „неточни и неосновани“ вчерашните тврдења на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски околу тоа како се трошеле државните пари и зошто не се готови почнатите проекти. Според Рустеми, ова се прави „со впечатлива политичка позадина“.

 

Како што тврди, за сите реализирани проекти, од страна на ЈПДП и менаџментот, испочитувани се сите законски процедури, за коишто има и соодветна документација.

 

-Од друга страна, пак, за сето ова, навремено, транспарентно и отчетно е информирана јавноста, и тоа во сите фази од реализацијата на проектите на коишто работело претпријатието, истакнува директорот, додавајќи:

 

-Проект за изградба на автопат, патна делница Кичево-Охрид. Вредноста на договорот е зголемена со Закон за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурните проекти, за изградба на патна делница Миладиновци- Штип и патна делница Кичево-Охрид, објавен во Службен весник бр.208 од 14.11.2018 година. Проект втора делница ТЕН-Т проект за автопат од Скопје до граница Косово, проценетата вредност од 112 милиони евра е зголемена на 198 милиони евра од страна на независна техничка консултантска куќа – Аткинс, ангажирана од ЕБОР, во соработка со проектантот Конзорциумот Хил Интернешнл, избран преку ИПФ 7 со грант од Европска комисија. При изборот на консултантската куќа и проектантот, ЈПДП немал и не може да има никакво влијание.

 

Проект во ИПА II – Изградба на патна делница Градско-Дреново.

 

Потенцираме дека во ИПА оперативната структура Министерство за финансии – ЦФЦД ги има обврските на “Договорен орган”, додека Министерството за транспорт и врски е “корисник”, а Јавното претпријатие за државни патишта е “краен корисник”, стои во соопштението.

 

Рустеми тврди дека стои на располагање на сите надлежни институции за секаков вид на проверки и ревизии на нивното работење како државно претпријатие.

 

-Апелираме да не се изнесуваат невистини и шпекулации во јавноста поврзани со работењето на ЈПДП и неговиот менаџмент, затоа што ваквите невистини штетат на угледот на самото претпријатие, на раководните лица и на сите вработени, велат меѓу другото од ЈПДП.

 

И државниот ревизор излезе со критики за капиталните инвестиции во изминатите години. Во извештајот нотираа дека недостигаат точни податоци за јавните инвестиции, а проектите се одвивале бавно или не се реализирале.

 

Според Николоски, за автопатот Кичево-Охрид, вредноста е зголемена за дури 175 милиони евра, со тие пари вкупно се потрошени 446 милиони и по 10 години, ништо не е завршено. Слична е ситуацијата и со железничката пруга, Коридор 8.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.