Јаневска: Продолжуваме да градиме поквалитетно образование; по седум години, првпат навремено испорачани учебници за сите ученици
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 07 Октомври 2024
Задоволна сум од сработеното и најавувам дека продолжуваме со исто силно темпо, максимално посветени кон учениците, студентите, наставниците, професорите, исто како и во првите 3 месеци. Почнати се крупни промени и им благодарам на сите што учествуваат во нивното креирање и имплементирање. Имаме идентична цел и ќе продолжиме да градиме поквалитетно образование за подобра иднина на младите во својата земја.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната прес-конференција, на која информира за резултатите од работата во првите 100 дена од мандатот на новата Влада во областа на образованието.
„Моето прво, а воедно и реализирано ветување, беше навремено достапни учебници за сите ученици. По седум години, првпат навремено се испорачани учебници за сите ученици. Над еден милион примероци беа ставени на училишните клупи, на првиот училиштен ден. Успеавме да изработиме и повеќе нови учебници и наставни материјали по предмети за кои до неодамна воопшто немаше никакво помагало – 10-ина во основното и 100-ина нови наслови во средното стручно образование“, рече Јаневска.
Информира дека Министерството се посвети и на инфраструктурата, па така во моментот се реализираат 36 капитални инвестиции во изградби и реконструкции на училишта, како и 40 помали санации на училишни објекти. Потсети дека почната е и етапна реконструкција на државните студентски домови. Градежни активности се реализираат во „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје во вредност од 17 милиони евра.
„Во 140 училишта е воведена квалитетна, економична и ефективна едносменска настава, а набргу бројот ќе се зголеми за 50-ина. Заедно со наставниците се изработуваат нови наставни програми од седмо до деветто одделение откако претходно беше стопирана концепцијата за основно образование во овие одделенија и се одделија предметите кои преку спојување на историјата со географијата и граѓанското образование ги обезвредни претходната влада. По цели 20 години, почнат е и процес на етапна изработка на нови наставни програми во гимназиското образование“, рече Јаневска.
Првпат во основните училишта се ангажирани над 1.000 образовни асистенти, а ќе се постапи и по дополнително пријавени потреби од страна на родителите и старателите во меѓувреме.
Јаневска информира дека се менува и законската регулатива заради повеќе и подобри образовни можности во Македонија.
„Пет закони се предмет на јавна дебата – за основно образование; за средно образование; за средно стручно образование и обука; за образование на возрасните; за национална рамка на квалификации, а уште други 5 набргу ќе треба да поминат преку филтерот на експертската јавност“, рече министерката додавајќи дека ја поништила и одлуката за основање факултет за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга, кој не ги исполнувал условите за почеток со работа.
Јаневска спомена дека буџетот на МОН пред три месеци е затекнат во минус од 5 милијарди денари, но со ребалансот дел од парите биле вратени во касата за да може да се сервисираат услугите и да се исплатат сите задоцнети обврски кон граѓаните, како и кон институциите, на кои, како што рече, срамно е да им должиме, потсетувајќи дека претходната влада не исплатила средства за учество во ПИСА 2022, за учество во програмата „Хоризонт“ на ЕУ и во „Фулбрајт“, програмата на САД.
„Целата негрижа, која постоеше до јуни, ја заменивме со 100-процентна посветеност кон факторите на образовниот процес. Ги стопиравме лошите политики, кои го намалија бројот на ученици за 17 илјади во изминатите 7 години. Покажуваме дека не сме сите исти и дека ако се сака, може да се направи повеќе за секој граѓанин на нашата заедничка држава“, додаде Јаневска.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс