Светскиот ден на детето е ден кога не смее само да се зборува, туку треба да се дејствува, порача Мицкоски

Светскиот ден на детето е и потсетник дека треба да работиме заедно за да создадеме свет во кој сите деца ќе имаат еднакви можности и ќе растат во средина што ги поттикнува нивниот развој и благосостојба, изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој денес со УНИЦЕФ одржа состанок на кој имаше дискусија за положбата и правата на децата.

 

„Денес сме тука за да ја потврдиме нашата заедничка обврска, секое дете има право на грижа, образование, здравствена заштита и заштита од секоја форма на насилство и злоупотреба. Но, зборовите на хартија не се доволни. Потребни се дела. Нашата мисија е да ги претвориме овие предизвици во можности за промени: инвестиции во образованието; пристап до здравствена заштита; заштита од злоупотреба и насилство“, рече Мицкоски.

 

Додаде дека ова е ден кога не смее само да се зборува, туку треба да се дејствува, па во таа насока рече дека целта е создавање образовни програми што ќе ги инспирираат нашите деца да бидат лидери на утрешнината; поддршка на политиките што гарантираат социјална заштита за сите деца, особено за најранливите и да ги слушаме децата, да ги охрабруваме да го кажат своето мислење и да ги вклучиме во процесите на донесување одлуки.

 

„Нека овој ден не биде само потсетник, туку и пресвртна точка“, порача Мицкоски.

 

На овој датум 1959 година Обединетите нации ја усвоија Декларацијата за правата на детето, а во 1989 година беше усвоена Конвенцијата за правата на детето – најшироко ратификуван договор за човекови права во историјата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.