Скопјанец осомничен за пожарoт во Адвокатската комора: Со секира ја скршил влезната врата и потпалил керозин и плински боци
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 03 Декември 2024
Основното јавно обвинителство Скопје донесе nаредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 25 ноември осомничениот со умисла подметнал пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ на ул. “Методија Шаторов – Шарло”, предизвикувајќи на тој начин значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од поголеми размери.
Една недела претходно осомничениот набавил секира со гумирана рачка, плинска запалка, заштитни ракавици и 48 коцки за потпалување со керозин. На критичното утро, со сопственото возило дошол во близина на зградата каде се сместени просториите на Адвокатската комора, маскиран со “фантомка” и со секирата ја скршил влезната врата. Коцките керозин ги наредил на скалите, а врз нив ставил повеќе плински боци и со употреба на плинската запалка ги потпалил. Со тоа предизвикал пожар од поголем обем во станбената зграда. Причинетата штета се проценува на околу 9.255.000 денари. Само 30-тина минути по настанот осомничениот веднаш со сопственото возило, преку граничниот премин “Блаце” ја напуштил државата, информираат надлежните.
„Фактот што тој се крие и е недостапен за органите на прогонот, можноста да го повтори делото или да ја попречи постапката со влијание на сведоците се основи поради кои јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд во Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Мерката ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а во меѓувреме по него ќе биде распишана потерница“, се истакнува во соопштениетот на обвинителството.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс