Употребувани возила нелегално завршувале на автоплацови во Македонија без платени давачки, Царината заплени 35 автомобили

Царинската управа преку Секторот за контрола и истраги откри и спречи организирана мрежа во која увозници, шпедитери, возачи вработени во превозни компании и царински службеници организирано вршеле кривични дела со употребувани возила, при што овие возила на нелегален начин биле ставани во промет и завршувале на автоплацови во Македонија, без да се платат увозни давачки.

 

Запленети се 35 автомобили со вкупна вредност од 20 милиони денари, при што на буџетот на државата, преку избегнување плаќање увозни давачки, е нанесена директна штета во висина од 9 милиони денари. Ова го истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на прес-конференција, на која информира за случаите.

 

Директорот притоа рече дека постои сомневање оти избегнатите давачки и штетата нанесена на буџетот на државата е многу поголема затоа што е голема веројатноста во изминатите години овие дела да се случувале повеќекратно.

 

„Досега до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се поднесени кривични пријави за 24 лица, 19 физички и пет правни лица, за сторени кривични дела: царинска измама, прикривање стока од сторено кривично дело царинска измама, фалсификување и злоупотреба на службената должност и овластувањето. Со целосно завршување на предистражните и истражните дејства кривични пријави ќе следуваат за други лица, при што некои од нив ќе се товарат за повеќекратно извршување исти или слични дела. Во однос на царинските службеници што извршиле злоупотреба на службената положба и овластувањето, во тек се дисциплински постапки по што ќе следуваат соодветни казнени мерки“, потенцира Николовски.

 

Поконкретно, во овие случаи, како што информира директорот, Секторот за контрола и истраги при Царинската управа утврдил грубо кршење на законските прописи. Сторителите на кривичните дела, кои биле учесници во добро организирана и разработена шема, изработувале фалсификувани придружни документи, кои се потребни за завршување на царинската постапка, и фиктивно гo раздолжувале транзитот, без притоа да спроведат царинска постапка. Така, без да бидат платени царината и другите увозни давачки, возилата биле пуштани во слободен промет и завршувале на разни автолацови во државата.

 

Николовски порачува дека нема да има простување и оти се става крај на организираниот криминал и корупцијата. Откривањето на овие случаи, вели тој, е само почеток на она што следува, при што ќе продолжат со исто и засилено темпо кон откривање и спречување на сите вакви криминални појави и со зголемување на приходите во буџетот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.