Водици 2025: Елшани ја слави традицијата со гордост и заедништво
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 19 Јануари 2025
Елшани, малото живописно село во близина на Охрид, и ова утро го дочека големиот православен празник Богојавление – Водици во духот на вековната традиција.
Жителите, како и секоја година, рано излегоа на утринската богослужба во црквата „Свети Пророк Илија“, каде се осветија водите како симбол на чистота и нов почеток.
Кулминацијата на празникот беше фрлањето на чесниот крст во изворските води, кај Клајнецот. Годинава, крстот го фати Петар Стевоски, кој претходно уште двапати ја имал честа да го направи тоа. Неговата радост беше очигледна, дополнета од наградите што ги доби – паметен часовник од Месната заедница и убава икона како благослов од црковниот одбор.
Според традицијата, тајфата на фаќачот ги посетува сите домови во селото, а жителите со искрена радост го даруваат крстот, внесувајќи топлина и заедништво во секој дом.
Прославата на Водици во Елшани традиционално продолжува со народен собир на сретсело, како и богати светијонски трпези кај овогодинешните кумови. Живата атмосфера, исполнета со песни, ора и звуците на традиционалните инструменти, го претвора празникот во вистинска магија и симбол на заедништво.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс