
Љутков: Македонскиот јазик е темел на националниот идентитет, културата и историјата
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 20 Февруари 2025

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Институтот за македонски јазик, честитајќи го Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, истакна дека македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку и темел на националниот идентитет, културата и историјата на македонскиот народ.
„Секој народ ја носи својата душа во зборот, во песната, во јазикот што го зборува и што му дава име на светот околу него. Нашата душа е македонска, а нашиот јазик е македонски – јазик на вековите, јазик на истрајноста“, истакна Љутков.
Тој нагласи дека мајчиниот јазик е она што нè поврзува со светот, со семејството и традицијата, темел на нашиот идентитет и чувар на нашето културно наследство. Ја спомена и важноста на зачувувањето и негувањето на македонскиот јазик како најголем аманет од нашите предци и како подарок за идните генерации.
„Македонскиот јазик е нашата татковина, нашиот дом и најголем аманет. Се брани со збор, со перо, со љубов, но и со гордост“, рече министерот, повикувајќи ги сите да го слават и да го живеат македонскиот јазик со почит и љубов.
Љутков се осврна и на важноста на јазикот за националната самосвест и непрекинатиот развој на македонскиот народ, како и за неговата способност да ги пренесе емоциите, културата и историјата на идните генерации.
Според него, македонскиот јазик мора да продолжи да биде водилка за идните предизвици и премрежиња, и дека само така ќе продолжи да живее духот на народот.
„Секој народ ја носи својата душа во зборот, во песната, во јазикот што го зборува и што му дава име на светот околу него. Нашата душа е македонска, а нашиот јазик е македонски – јазик на вековите, јазик на истрајноста, јазик што ја вплел својата нишка во ткаенината на историјата, непрекинат, горделив и непокорен“, рече Љутков.
Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, истакна дека со денешниот настан Институтот го започнува одбележувањето на 80-годишнината од заокружувањето на македонскиот литературен јазик што се случи со објавувањето на македонската азбука и усвојувањето на македонскиот правопис во 1945 година.
„Почитувањето на различните култури и на различните јазици произлегува од многувековната борба за слобода и за признавање на македонскиот јазик заедно со македонската држава. Затоа почитувањето на сопствените корени, традиции и народната мудрост, мора да се преточи во завештание за идните генерации со порака за толеранција, прифаќање и респект кон различностите“, рече Јованова-Грујовска.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одбележува на 21 февруари, прогласен од УНЕСКО на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
