
Чешкиот министер: По завршувањето на војната, ниеден Украинец нема да добие заштита во Чешка
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 19 Февруари 2025

Чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракушан денеска изјави дека Прага соработува со Полска за одлуката за статусот на Украинците, кои во моментот уживаат привремена заштита по крајот на војната.
„Чешка се подготвува за сценарија доколку во Украина биде прогласен прекин на огнот или каков било крај на војната. За тоа подготвуваме документи заедно со Полска, која претседава со Советот на Европската Унија. Сакаме тоа да биде завршено во наредните месеци“, изјави Ракушан во интервју за чешкиот портал „Новинки“.
Во тој случај, додаде тој, Прага автоматски ќе престане да дава привремен статус на Украинците, но тие сепак ќе може да останат во Чешка одреден временски период, на пример, една или една и пол година.
За да го направат тоа, истакна Ракушан, тие мора да се пререгистрираат во Чешка под друг статус, како и другите странци.
Тој објасни дека мажите што веќе имаат семејства во Чешка нема да добијат автоматска заштита, туку ќе мора да поминат низ вообичаениот бирократски процес, при што апликацијата може да биде прифатена или одбиена.
Тој објасни дека бегалците од Украина престојуваат во Чешка благодарение на привремената заштита, која секогаш се продолжува за една година.
„Доколку дојде до прекин на огнот или војната заврши на кој било начин, привремената заштита на сите бегалци во нашата земја би истекла веќе следниот ден, но тие сепак би можеле да останат во Чешка одреден временски период, на пример, една или една и пол година“, рече Ракушан.
Според него, Прага и Варшава имаат цел да подготват груба верзија на предлогот за време на полското претседателство, односно до крајот на јуни, бидејќи одлуката мора да биде донесена на ниво на ЕУ.
Освен тоа, изјави чешкиот министер, Европската Унија планира да отвори центри за враќање за Украинците, кои ќе дејствуваат како посредници при нивното враќање во татковината.
Советот на Европската Унија ја продолжи привремената заштита на Украинците до март 2026 година, пренесува „Танјуг“.
Украинците што уживаат привремена заштита во ЕУ имаат право да патуваат во Украина и да се вратат назад во Европската Унија без да ја загубат дозволата за престој.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
