Потпишан протокол меѓу побратимените градови Битола и Бејликдузу

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заменик-градоначалникот Бојан Бојкоски и претставници од општинската администрација деновиве присуствуваат на протоколарна средба во турскиот град Бејликдузу во рамките на која беше потпишан протокол за побратимени градови помеѓу Битола и Бејликдузу.

 

Протоколот за збратимување го потпишаа градоначалниците на Битола и на Бејликдузу и Мехмет Мурат Чалик, а тој вклучува развивање соработка во социјалните, економските и во културните области.

 

Во своето обраќање градоначалникот Коњановски потсети на историската поврзаност помеѓу двете земји, како и големата соработка што континуирано се негува.

 

„Општина Битола веќе има воспоставено соработка со Бурса од Турција, стопанските комори од двете земји развиваат добри односи, а минатата година потпишавме и протокол за соработка помеѓу зоните Жабени и Тире, што значи зајакнување на деловните односи помеѓу зоните, како и промовирање, проширување и подобрување на економската соработка преку трговија и инвестиции меѓу соодветните деловни заедници.

 

Од неодамна ја имаме и првата инвестиција од Измир, односно турската компанија за производство на лифтови ARLIFT, која заедно со бизнис-партнери од Битола одлучи да инвестира во индустриската зона Жабени во Битола.

 

Денес, почнуваме уште едно ново и важно поглавје како за соработката помеѓу двете земји така и за идните планови за двата града – Битола и Бејликдузу. Верувам дека, како што стои и во самиот протокол за побратимените градови, нашето збратимување ќе резултира со развивање на соработката во социјалните, економските и во културните области“, рече во своето обраќање градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

 

Двете страни се согласија да развијат соработка: помеѓу административните институции, во областа на лесната индустрија, инфраструктурата и земјоделството, културата, образованието, здравството и други социјални проекти, во туристичките активности, обновливите извори на енергија и стратегиите за намалување на јаглеродот, циркуларната економија, одржливата технолошка трансформација и развојот на урбаните економии.

 

Соработката меѓу двете општини ќе ги вклучува следните активности: споделување искуства и обезбедување обуки и можности за пракса на вработените и доколку е потребно, подготовка и имплементација на заеднички план за соработка, поттикнување на учеството на локалните компании, институции и невладини организации во процесите на соработка.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.