
Унијата на медицинските сестри: Признанието на нашата улога мора да се огледа во конкретни акти и мерки на поддршка
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 26 Февруари 2025

Унијата на медицинските сестри и техничарите со своето многубројно членство на овој начин ја користи можноста за да упати искрени честитки по повод 20-годишниот јубилеј на Лекарската комора, која е еден од важните фактори во дведецениската посветеност на здравствената грижа и развојот на медицинската струка во нашата земја.
„Вашата работа, посветеност и напорите за унапредување на здравствениот систем во земјата се од исклучителна важност и достојни за почит. Но… имајќи предвид дека и денес на одбележувањето на овој значаен јубилеј, кој и сестринската фела со право го чувствува како свој, Унијата на медицинските сестри и медицинските техничари на Македонија реагира на тенденциозноста во повторувањето на пропустите не само од вербален туку и од колегијално-професионален аспект.
Реагираме на обидите за системско и систематско минимизирање на уделот и вредноста на ангажманот на медицинските сестри, техничарите, акушерките и стоматолошките сестри во лекарските тимови, нивната секојдневна работа, отсуството на сестрите како рамноправни и незаменливи членови на тимовите при наградувањето и нивната (не)ревалоризација ниту на дело, а речиси постојано ни на збор!!!
Реагираме на: отсуството на вистинско заедништво и сплотеност, заемно почитување и удостојувања на нашите напори за унапредување и законско регулирање на нашата професија, мотивирани од морални, финансиски и од материјални услови во работната средина, но, пред сè, од аспект на целосно и непречено извршување на нашата професија: грижата и негата за секој пациент, без исклучок!
Доказ за непринципилната состојба, која трае веќе 20 години, е денешното отсуство и во спомнувањето и во физичкото отсуство на претставници од професијата – медицинска сестра и медицински техничар како во говорите и во официјалните обраќања така и во протоколот при одбележувањето на јубилејот!
Ние медицинските сестри и медицинските техничари во земјата секогаш стоиме и работиме заедно со вас лекарите и императивно ги надополнуваме нашите професионални и човечки обврски како дел од секој здравствен тим на сите нивоа во нашиот здравствен систем иако мошне често, дури и од највисоките инстанции по разни поводи, оваа многубројна професионална сила е ословувана само како средномедицински кадар!
Ние го подржуваме, афирмираме и се гордееме со секој индивидуален и колективен успех на лекарите во земјата, а со тоа и на Лекарската комора, затоа што тоа е истовремено и наш успех и наша гордост, а сè во интерес на пациентите.
Денес, кога Лекарската комора слави 20 години од своето востановување и активност, мора да го поставиме прашањето: Зошто медицинските сестри не се вклучуваат и не добиваат законско и морално признавање за нивниот не помалку значаен придонес во секој тим во здравствениот систем?
И покрај високата професионалност потврдена преку едукативниот процес, а повторно непрепознаена во здравствениот ситем, покрај сложените и напорни услови на работното место, синдромот на прегорување, одговорноста и подготвеноста при вонредни состојби не само за време на пандемијата со Ковид-19, правата и статусот на медицинските сестри и техничари остануваат и непрепознаени и неравалоризирани од ниеден аспект.
Недостигот на недвосмислена, отворена и адекватна поддршка од страна на лекарите, а со тоа непосредно и на Лекарската комора, сметаме дека е една од пресудните пречки за недонесување на законот за сестринска професија, а со тоа и на голем број проблеми и недоречености, недостиг на лиценци и обуки, но и долготрјани хаотични сотојби не само во сестринската професија туку и во здравствениот систем воопшто, што секако не ѝ служи на чест на земјата пред светот, т.е. пред очите на меѓународната заедница, но уште пострашно пред очите на нашите пациенти!
Признанието на нашата улога мора да се огледа во конкретни акти и мерки на поддршка.
20 години јубилеј на лекарите и Лекарската Ккмора во земја во која медицинските сестри работат без лиценци претставува поразителен факт за сите! Дали е во ред нашите лекари да работат во тимови во кои некои од членовите работат без соодветна лиценца? Дали македонските пациенти го заслужуваат тоа?
За жал, се чини дека ваквиот индолентен и игнорантски однос кон една исклучително хумана и значајна професија, сродна и по суштина и со иста цел како лекарската, де факто се случува и, за жал, најверојатно ќе продолжи и по одбележувањето на значајниот 20-годишен јубилеј на Лекарската комора на РС Македонија!
Време е за закон, лиценци и комора на сестрите!
Ние, медицинските сестри, медицинските техничари, акушерките и стоматолошките сестри на Македонија, бараме и заслужуваме: исто препознавање и поддршка како и другите здравствени професионалци.
Нашата иницијатива за создавање законски прописи, кои ќе го регулираат нашиот статус, како и формирање независна комора, која ќе ги претставува нашите интереси, не е само оправдана, туку и неопходна.
Овие барања не се тесногради, туку, напротив, во интерес на целосно и дефинитивно решавање на состојбите на целокупниот здравствен систем.
Како здружение и Унија на медицинските сестри и медицинските техничари ќе продолжиме да се бориме за правата на нашето многубројно членство.
Цврсто веруваме дека само обединет труд и напор – од страна на сите здравствени работници – може да се обезбеди подобрување на условите за работа и признание на нашата професија.
Нека и во иднина вашата работа биде успешна во контекст на нашата заедничка цел: создавање подобри услови за сите здравствени работници, а со тоа и подигнување на вредноста и грижата за секој пациент, без исклучок!“, се вели во писмото од претседателката на Унијата на здруженијата на медицинските сестри, техничарите, стоматолошките сестри и акушерките на Македонија, Гордана Бешлиовска.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
