
Меџити: Турција е важен партнер во справувањето со еколошките предизвици
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 28 Февруари 2025

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска ја почна официјалната посета на Република Турција со средба со министерот за животна средина, урбанизација и климатски промени, Мурат Курум.
Меџити разговараше за можностите за продлабочување на соработката во однос на справувањето со еколошките предизвици и искористување на турскиот модел на борба против аерозагадувањето, кој се покажа како многу успешен.
Меџити и Курум се договорија преку потпишување на меѓудржавен меморандум за соработка, двете земји да разменат искуства и тесно да соработуваат во одржливото управување со индустрискиот отпад, рударскиот отпад, опасниот отпад и медицинскиот отпад. Исто така, дел од оваа соработка ќе биде управувањето со домашните и индустриските отпадни води, вклучувајќи технологии за третман и рециклирање на отпадни води, системи за онлајн мониторинг на капацитетите за третман на отпадни води, управување со квалитетот на воздухот, имплементација на најдобри техники и практики за спречување на загадувањето од индустријата, борба против климатските промени, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, како и многу области од заеднички интерес.
Двете страни се согласија да соработуваат во блиска иднина во поглед на управување со хемикалии, откривање, анализа и чистење на подрачја контаминирани со опасни материи и хемикалии, во смисла на развој на географски информациски системи за животната средина и релевантно законодавство, заштита на природата и биолошката разновидност во заштитените подрачја, како и планирање, управување и промовирање на заштитените подрачја за спроведување на еко-туристички активности.
За да се постигнат посакуваните ефекти, двајцата министри за животна средина Меџити и Курум се договорија да воспостават програми за научни посети на истражувачи, консултанти, експерти и членови на невладини организации и размена на информации и документи на научно и техничко ниво во однос на истражувачките, развојните и апликативните активности.Развојот на проекти за соработка ќе се реализира преку соработка во рамките на меѓународните договори чии страни се Република Турција и Република Северна Македонија, во рамките на финансиските средства наменети за оваа област.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити за време на престојот во Турција ќе се сретне и со министерот за надворешни работи на Република Турција Хакан Фидан, а заедно со премиерот Христијан Мицковски ќе бидат дел од државна вечера приредена од страна на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
