Национална итност е да се бориме против корупцијата, рече Фетаи на средба со членовите на антокорупциската комисија

Заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, денеска се сретна со членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата, со кои разговараше за забрзување на борбата против корупцијата и зајакнување на меѓуинституционалната координација во спроведувањето на државната стратегија во оваа област.

 

Фетаи истакна дека борбата против криминалот и корупцијата е еден од врвните приоритети на Владата, вклучувајќи ја и реформата во правосудството, со цел успешно справување со корупцијата и враќање на довербата на граѓаните во институциите.

 

Осврнувајќи се на спроведувањето на Стратегијата за спречување на корупцијата и судирот на интереси (2021-2025), тој нагласи дека во текот на претходното владеење е забележан регрес во оваа област, поради недостигот на политичка волја и штетните одлуки, како што беше скандалозната измена на Кривичниот законик, што резултираше со организирана амнестија на политичката корупција.

 

„Ресетирањето на борбата против корупцијата стана национална итност“, изјави Фетаи, обврзувајќи се на измена на Кривичниот законик и спроведување на реформи во правосудството, со цел создавање нов пристап во борбата против корупцијата.

 

Во однос на улогата на Меѓуресорското тело за борба против корупцијата, кое треба да ги координира активностите на институциите во оваа насока, Фетаи вети дека ќе го исполни овој значаен мандат.

 

„Мојот план, со поддршка од меѓународните партнери, е да го трансформираме Меѓуресорското тело во ефикасен координациски механизам, кој ќе формира вистински фронт против корупцијата, демонстрирајќи јасна политичка волја и поттикнувајќи меѓуинституционална соработка – наместо да остане само како talk show, како што беше во минатото“, нагласи тој.

 

Фетаи изрази оптимизам дека земјата ќе напредува во градењето на правната држава, што претставува морална обврска кон граѓаните и младите, кои сè почесто ја напуштаат земјата поради корупцијата што предизвикува колективна депресија.

 

Заменик-претседателката на ДКСК, Билјана Каракашова Шулев, зборуваше за предизвиците на Комисијата во спроведувањето на антикорупциските политики, истакнувајќи го недостатокот на човечки и технички капацитети. Таа нагласи дека клучните проблеми во борбата против криминалот остануваат непочитувањето на законските обврски од страна на институциите, недостигот на годишниантикорупциски планови и ограничените капацитети на кадрите вклучени во овој процес.

 

Двете страни се согласија да ги координираат активностите за подобрување на законодавството и зголемување на ефикасноста во борбата против криминалот и корупцијата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.