
Партијата Левица го бара купопродажниот договор со ЕВН
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 06 Март 2025

„Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев поднесе писмено пратеничко прашање до премиерот Мицкоски, преку кое го бара на увид купопродажниот договор со кој австриски ЕВН го купи ЕСМ. Тоа е зделката на Радмила Шеќеринска, попозната како бонбона бизнис“, велат од партијата Левица.
„Мотивот за пратеничкото прашање се енормно високите сметки за струја кои им стигнаа на граѓаните минатиот месец, а за кои и претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски, потврди дека имало грабеж од страна на монополот ЕВН. Освен констатација дека австриската фирма краде, владата на Мицкоски не презеде ништо за да ги заштити граѓаните.
Кога се продаваше ЕСМ, аргументите на тогашната власт на СДС беа дека мора да влезе приватна компанија, затоа што државата не била способна да обезбедува континуирана услуга и не била способна да наплати струја. После 16 години, сведоци сме дека ЕВН не може да наплати струја во Арачиново. Сами признаа дека штетата во Арачиново е 6 милиони евра годишно и дека континуирана услуга не можат да обезбедат поради диви приклучоци (кражба на струја).
Сето ова јавно го кажуваат нивни портпароли, ама истите не поднесуваат кривични пријави за кражба на струја, што е кривично дело само по себе. Иако австриската компанија ги има точните податоци од терен кој и каде краде струја, пријави во случајот Арачиново уште нема.
Ја потсетуваме јавноста дека за овој случај Левица поднесе кривична пријава против менаџментот на ЕВН за непријавување кривично дело.
Друг проблем е и најскапата мрежарина, за што говори податокот дека во Македонија се наплаќа највисока мрежарина споредбено со земјите од поранешна СФРЈ.
Како кулминација на лошото работење на ЕВН е проблемот кој се случи минатиот месец, со задоцнетите отчитувања на броилата и покачените сметки. Ако обичен граѓанин задоцни да плати, без разлика дали е проблемот во доставата или немање пари, веднаш му следува камата. Од друга страна, додека монополот ЕВН направи грешка и на граѓаните им стигнат поголеми сметки, мора да платат, па потоа да пишувааат приговори.
Очигледно дека бенефит од приватизацијата на ЕСМ има само австриската држава, преку нивната компанија ЕВН, која минатата година пријавила добивка од дури 546%!
Од овие причини, пратеникот од Левица го бара договорот за купопродажба на ЕСМ, со цел да се изврши увид какви обврски имаат превземено, што имаат исполнето од тие обврски и да ја видиме целата слика, колку вистински бенефит има народот од приватизацијата, а колку странскиот капитал“, соопштува партијата Левица.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
