
Обвинителството со детали: Кумановката добила 4.000 евра за бебето од брачната двојка, а кога го барала назад не и’ го враќале – притвор за сопружникот и мајката
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 06 Март 2025

Обвинителството донесе наредба за истражна постапка против пет лица, во случајот со родилката од Куманово која и’ го дала своето бебе на брачна двојка, а потоа, според нејзината пријава, тие не сакале да и’ го вратат назад.
Според описот во диспозитивот на наредбата постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело „Трговија со дете“.
Обвинителството сподели детали за случајот, објаснувајќи дека кон средината на минатата година, две од осомничените и непознато машко лице, заедно и по претходен договор со осомничената која била бремена со своето седмо дете и се наоѓала во тешка финансиска состојба презеле дејствија со цел да извршат незаконито посвојување на нејзиното новороденче за сума од околу 5000 евра.
Двете од кои едната била евидентирана како згрижувач на деца, во повеќе наврати финансиски ѝ помагале на осомничената трудница исплаќајќи ѝ пари за месечни трошоци во висина од 250-270 евра, а за да ја следат здравствената состојба на бебето ѝ плаќале и ѝ организирале лекарски гинеколошки прегледи во Куманово и Скопје.
Во меѓувреме ја запознале со осомничениот брачен пар кој требало незаконски да го посвои детето. По породувањето, брачниот пар ја однеле на нотар каде потпишала изјава со која го признава првоосомничениот за татко на новороденчето и му го дава старателството, доброволно оставајќи го на чување, воспитување и издржување. Веднаш потоа осомничениот брачен пар ѝ исплатил 4000 евра, а подоцна кога го побарала детето да ѝ го вратат, првосомничениот ја одбил нудејќи ѝ уште 1000 евра и укажувајќи ѝ дека со потпишаната изјава таа веќе се откажала од него, информираа од Обвинителството.
Имајќи ги предвид околностите и тежината на стореното дело, јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи мерки кои судот ги прифати и определи мерка притвор за сопружникот и родилката, додека на останатите три лица им определи мерка куќен притвор.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
