Жртвите на сексуално насилство ќе може да побараат помош и без да пријават во полиција силување или обид за силување

Сервисите за помош и поддршка на жртвите на сексуално насилство, кои сега се достапни само за жртвите откога ќе го пријават силувањето или обидот за силување, помош и поддршка ќе може да добијат и без да го сторат тоа. Работна група од Министерството за здравство во соработка со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство ќе ја унапредува стандардната оперативна процедура за центрите за жртви на сексуално насилство, формирани 2018 година во Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје и во општите болници во Куманово и во Тетово.

 

„За воопшто жртвата да добие каква било услуга, насилникот мора да биде пријавен во полиција. Тоа го бара нашето законодавство. Постојната легислатива бара секоја форма на насилство, особено оние што се гонат по службена должност, да бидат пријавени. Тоа е нешто што мора да се смени затоа што ние ја ставаме жртвата во позиција, во моментот откако таа го проживеала насилството, ете се охрабрила, дошла да побара помош, т.е. ја ставаме во ситуација или ќе пријавиш во полиција за да ти бидат земени докази или доказите ќе бидат изгубени и потоа нема да има можност за пријава“, вели Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против  насилство врз жени и семејно насилство.

 

Новата постапка, која ќе треба да ја следат центрите за помош на жртвите на семејно насилство, ќе ѝ дозволи на жртвата сама да одлучи дали, кога и кои постапки да бидат поведени против насилникот, а помошта да ѝ биде на располагање.

 

„Самата постапка дека жртвата е принудена веднаш да пријави во органите на прогонот е спротивна од сите стандарди и тука комитетот ‘Гревио’, кој ја следи имплементацијата на Истанбулската конвенција, изрази загриженост и затоа сме денеска тука. Да ја приспособиме оваа стандардна оперативна процедура за сите сервиси што ги нудат центрите да ѝ бидат овозможени на жртвата и да ѝ се остави простор, вклучително и собирањето на доказите, таа самата да донесе одлука дали и кога ќе пријави во полиција, обвинителство и така натаму. Праксата од другите земји покажува дека доказите се собираат и до две години ѝ се остава простор на жртвата таа да одлучи дали ќе поведе постапка против сторителот. Тоа е нешто што ние во моментот го немаме како стандард“, рече Неда Чаловска-Димовска, консултантка за анализата на стандардната оперативна процедура што ја користат центрите за жртви на сексуално насилство.

 

Ставот на Националната мрежа против насилството е дека сексуалното насилство е едно од најмалку пријавуваните форми на насилство во нашата држава. Досегашното искуство покажало дека годишно по 50-60 жени во секој од трите центри се охрабриле да пријават сексуално насилство, што, според анализата на ОБСЕ, е само 2 отсто од реалната бројка на жртви на сексуално насилство во земјата.

 

„Ако земеме дека овие 50-60 жртви во секој центар се само 2 процента од реалната бројка, тогаш веќе станува збор за една многу голема бројка на жени, девојки и малолетни жртви, кои имаат потреба од овој тип на помош, а немаат каде да ја побараат. Идејата е центарот да обезбеди психолошка поддршка, правна помош, да ги собере доказите што се потребни понатаму за кривично гоење на сторителот и да ја обезбеди онаа првична, кризна интервенција и кризна помош, која ѝ е потребна на жртвата откога ќе го доживее насилството“, рече Димушевска.
Таа нагласи дека сексуалното насилство кај нас сѐ уште е табу-тема, а воопшто неискористена е формата силување во брак, кое со измените на Кривичниот законик пред две години е препознаено како сексуално насилство.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.