
„Огромен интерес и внимание за македонската делегација на глобалниот самит во Баку“: Сиљановска и Божиновска во центарот на глобалните дискусии
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 14 Март 2025

Огромен интерес за македонската делегација на XII Global Baku Forum – присуството на македонската делегација, официјалните и неформалните средби на претседателката Гордана Силјановска-Давкова и министерката Сања Божиновска со актуелни и поранешни светски лидери предизвикаа внимание од медиумите и меѓународните институции, известува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Претседателката и министерката учествуваат на престижниот меѓународен самит, каде што на истата маса со сегашни и поранешни државници, претставници на глобални институции и стратешки партнери разговараат за иднината на светскиот поредок.
Овој форум, под наслов ’Rethinking World Order: Turning Challenges into Opportunities‘, собира клучни лидери и експерти од различни сектори за да дискутираат за актуелните глобални предизвици и можности.
Учеството на овој форум е значајна прилика за Македонија да се позиционира како активен учесник во глобалните дискусии. Темите на дискусијата, од геополитика до енергетска безбедност и нови технологии.
„Имаме многу да понудиме и да научиме во контекст на енергетската соработка и иновациите. Заедно, ќе создадеме одговорни партнерства и ќе ја истакнеме улогата на средните сили во новиот мултиполарен свет“, истакна министерката Божиновска.
Во рамки на самитот, министерката Божиновска размени мислења со истакнати меѓународни лидери, вклучително и поранешниот претседател на Србија Борис Тадиќ, поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ, како и Амир Досал, кој беше директор на Фондацијата за ОН.
Огромен интерес од страна на медиумите за македонската делегација, која ја предводи претседателката Силјановска-Давкова, е потврда за значењето на нашето учество на форумот. Разговорите со влијателни меѓународни актери отвораат нови можности за продлабочување на економските и енергетските врски на Македонија со светот.
XII Global Baku Forum е еден од најзначајните меѓународни настани, каде што се креираат глобални стратегии и партнерства. Фокусот на годинашниот форум е мултиполарниот свет, економските и геополитичките предизвици, како и иновативните решенија за иднината.
Македонија ја зацврстува својата позиција на глобалната сцена, се додава во соопштението на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
