
Мораме да размислуваме како да си ги вратиме децата назад, од понеделник ќе ги имаме првите враќања, најави Клековски
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 21 Март 2025

Од понеделник се очекуваат првите повлекувања од странство на повредените пациенти кои по пожарот во Кочани беа препраќани на лекување. Вака најави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, синоќа во гостување во централниот дневник на телевизијата „Сител“. Лекувањето на пациентите ќе продолжи кај нас, имајќи предвид дека лекувањето изгореници е процес кој може да трае и неколку месеци.
„Ние мораме да размислуваме за 150-тина повредени на кои ќе им треба продолжена нега и третман. Зборуваме за трансплантација на кожа, зборуваме за рехабилитации. Така да, ние мораме да размислуваме како ќе си ги вратиме децата назад и мислам дека веќе од понеделник ќе ги имаме првите враќања“, рече директорот Клековски.
Тој уверува дека во земјава има лекари кои може да се справат со лекување изгореници оти дел од тимот кој работел во единствениот центар за изгореници во рамки на Клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, се уште е активен во болницата иако центарот е затворен од 2016 година. Токму затоа голем дел од повредените во пожарот биле прифатени токму во оваа болница, покрај Клиничкиот центар и Градска општа болница „8 Септември“.
Директорот Клековски и синоќа кажа дека нашите лекари помош имаа и од тим од Воено медицинската академија во Белград кои помагале во „8 Септември“, но по првите два дена морале да заминат оти се зголеми бројот на пациенти во Белград. Помош македонските лекари кажа дека имале и од тим од Чешка кој работел на Клиниката за пластична хирургија, а помагале и три тима од Израел.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
