
Заеднички теренски активности за проверка во битолските угостителски oбјекти
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 21 Март 2025

Деновиве, во рамките на законските надлежности, истовремено во соработка со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола, Општина Битола презема низа активности во однос на контрола на угостителските објекти во градот.
1. Општинскиот инспекторат од почетокот на работната недела на терен врши проверка на сите категоризирани објекти на физички лица што се под општинска надлежност дали ги исполнуваат минимално техничките услови во согласност со правилникот за минимално технички услови донесен од министерот за економија и дали ги поседуваат сите документи потребни за дејноста. Доколку им недостига одреден документ, имаат даден рок за обезбедување, во спротивно, ако не ги обезбедат, ќе бидат избришани од регистарот за вршење угостителска дејност. Според Законот за угостителската дејност, за физичките лица, Општината е надлежна да издаде категоризација за конфекционирани угостителски услуги во наменски подвижни објекти, угостителски услуги за сместување и исхрана во куќи, угостителски услуги во апартмани и соби за одмор, угостителски услуги во селски домаќинства и угостителски услуги во пловни објекти.
2. Општинскиот инспекторат во соработка со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола вршат проверка на терен дали ноќните клубови во Битола имаат важечки лиценци за работа и дали ги имаат сите елаборати што треба да ги поседуваат, вклучувајќи и елаборати за бучава, за противпожарна заштита, за животна средина итн.
3. До Владата и до Министерството за економија и труд доставени се податоци по извршениот увид од страна на овластениот градежен инспектор на Општина Битола во согласност со детаљните урбанистички планови на Општина Битола, Генералниот урбанистички план на Општината и податоците запишани во Агенцијата за катастар на недвижностите на правните субјекти со капацитет над 50 лица што вршат угостителска дејност на територијата на општина Битола. На овој начин треба да се изврши проверка со вмрежување на податоците и соодветната издадена категоризација/лиценца за правните субјекти што вршат угостителска дејност на територијата на општина Битола.
4. До Државниот пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор Битола, доставен е допис дека Општина Битола достави известување до угостителските објекти на територијата на градот Битола, дека не постапиле во согласност со чл. 7 и чл. 25 од Законот за угостителската дејности. Од нив е побарано во рок од 3 дена да достават лиценца/дозвола за работа на објектот во согласност со Законот за угостителската дејности и работното време на објектот во согласност со овој закон. Од Одделението за инспекциски надзор Битола доставена е листа на објекти со која располага Општината и побарано е да се изврши вмрежување на податоците преку заедничка координација.
5. Согледувајќи ги сите аспекти од законските регулативи, постојат одредени недоречености, односно неусогласености помеѓу Законот за угостителството во однос на Законот за градењето и Законот за животната средина. Оттука, Општината испрати допис до наделжните институции, во кој нагласи дека се потребни законски измени, пред сѐ, во регулативата со документите што се пополнуваат за вршење на одредената угостителска дејност, како и во делот на надминување на недореченостите во законските одредби.
Во наредните денови продолжуваат координираните активности на терен со надлежните инспекциски служби и СВР Битола.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
