
Македонските граѓани кои се во Љубљана сега се во рацете на стручни лекари: Муцунски ги посети хоспитализираните во Словенија
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 21 Март 2025

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево во Љубљана ги посети македонските граѓани кои се хоспитализирани во Словенија. Притоа оствари кратки одвоени средби со министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, министерката за здравство, Валентина Преволник Рупел, како и со медицинскиот персонал кој се грижи за нашите пациенти.
Муцунски изрази искрена благодарност за високото ниво на солидарност што Словенија го покажува во овие тешки моменти, нагласувајќи дека тоа е уште еден доказ за длабоката почит и пријателство меѓу двете земји и нивните народи.
„Би сакал уште еднаш, во име на македонскиот народ, Владата и целата нација, да се заблагодарам за исклучителната солидарност што ја покажавте – тоа зборува за високото ниво на меѓусебно почитување што го имаме меѓу себе. Македонските граѓани кои се во Љубљана сега се во рацете на стручни лекари, медицински експерти и посветени медицински сестри,“ – изјави министерот Муцунски.
За време на посетата, тој имаше можност лично да добие информации од лекарскиот тим за состојбата на пациентите, како и да се запознае со стручниот кадар кој има клучна улога во организирањето и реализацијата на медицинскиот транспорт.
Муцунски нагласи дека македонската амбасада во Словенија останува целосно посветена на поддршката на пациентите и нивните семејства, а Кризниот штаб во Скопје е во постојана координација со сите вклучени институции во процесот на транспорт, прием и лекување.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
