
Црвен крст: Исплатени се средства на семејствата на настраданите во несреќата во Кочани
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 28 Март 2025

Црвениот крст изврши исплата на средства на семејствата на сите починати и повредени лица кои се лекуваат во странство од трагичната несреќа во Кочани, соопштија од Црвениот крст и додаваат дека заклучно со денешниот ден собрани се 102.410.247 денари.
Од таму додаваат дека во тек е прибирање на податоци за повредените лица хоспитализирани во болниците во државата во соработка со Службата за општи и заеднички работи на Владата.
„По добивање на списоците веднаш ќе се изврши исплата на средства. Се надеваме во почетокот на наредната недела. Веднаш потоа ќе се пристапи кон усогласување на критериумите за исплата на останатите средства на настраданите“, се наведува во соопштението.
Од Црвениот крст наведуваат дека продолжува и психосоцијална поддршка преку ангажирани над 100 психолози во соработка со Комората на психолози на Македонија.
„Во соработка со училиштата се организира секојдневна поддршка за наставници и ученици за справување со настанатата ситуација, како и припадници на противпожарната бригада и припадници на Министерството за внатрешни работи. На барање на универзитетите Црвениот крст организира обуки за прва помош и психолошка прва помош за студентите. Заедно со нашите партнери Црвениот крст ќе продолжи да обезбедува поддршка на семејствата на повредените во процесот на нивното враќање на секојдневното живеење преку развивање на различни активности“, пишува во соопштението
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
