
Мицкоски: Ромите не се „малцинство“, туку народ со богата традиција
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 07 Април 2025

Овој ден има силна симболика. Тоа е ден на сеќавање – на историја, на прогонот, на исклученоста, но и ден на достоинство, отпор и надеж, истакна премиерот Христијан Мицкоски по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.
Според него, тоа е ден кога не само што ја славиме ромската култура, туку и гласно зборуваме за неправдите со кои оваа заедница се соочувала и за заложбите кои ги преземаме како држава за да ги надминеме тие неправди.
Ромите, рече Мицкмоски, се составен дел од нашата држава.
„Тие не се „малцинство“, туку народ со богата традиција, со музика, со јазик, со историја, традиција, обичаи. Тие се наши сограѓани, соседи, пријатели, соработници, и најважно од сè – граѓани со иста вредност и достоинство како секој друг. Но вистината е дека ромската заедница предолго живее на маргините. Да бидеме искрени, нееднаквоста е реална. Има системски бариери и преземаме одговорност да ги рушиме тие бариери, чекор по чекор, политика по политика, проект по проект“.
Владата, додаде тој, вложува во образовни политики кои ќе обезбедат еднаков почеток за секое дете, без разлика на етничка или социјална припадност.
Како што оцени, за ромските деца, образованието не е само опција, тоа е надеж, одговор на генерации неправда, на исклученост и заборав.
„Вработување од интеграција до еднаква економска шанса.
Работиме интензивно на вклучување на Ромите во пазарот на трудот преку:
Активни мерки за вработување во соработка со Агенцијата за вработување, специјално насочени кон младите Роми и жените. Обуки за занаетчиство и дигитални вештини, како и можности за самовработување преку грантови и менторство.
Во периодот од 2023 година заклучно со денес, повеќе од 1.000 Роми добиле работен ангажман или почнале сопствен бизнис.
Поддржуваме реновирање на кровови, канализациска мрежа, пристап до вода и струја во Шуто Оризари, Битола, Кочани, Делчево и други општини.
Се градат нови социјални станови. Секое семејство заслужува дом, не импровизација, туку вистински, безбеден, достоинствен дом“.
Мицкоски нагласи дека НИВНАТА визија не е Ромите да бидат „толерирани“ или „вклучени“, туку Ромите да бидат рамноправни граѓани, со иста моќ да одлучуваат, создаваат, сонуваат и живеат достоинствено
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
