ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да преземе одговорност за решавање за спорот со Бугарија, не му ја доделил народот

Филипче не може да преземе одговорност за решавање за спорот со Бугарија бидејќи таква одговорност доделена од народот воопшто нема, реагира ВМРО-ДПМНЕ по настапот на претседателот на СДСМ во своето обраќање на конференцијата „Започнување на Програмата на С&Д ‘Вили Брант’ за проширување на ЕУ“, која се одржа во Брисел.

 

На последните избори, велат од ВМРО-ДПМНЕ, народот кажа што мисли за капитулациите на Венко и Заев во спорот со Бугарија.

 

Во врска со обраќањето на Венко Филипче во Брисел во кое се обидува да ја обвини Владата за наводно самонаметнато вето и откажување од евроинтеграциите, ВМРО-ДПМНЕ смета дека јавноста заслужува одговор кој се темели на факти, вистински вредности и државничка одговорност.

 

Според ВМРО-ДПМНЕ апсурдно е СДСМ – партијата која капитулираше пред секој услов, која со бришење на македонскиот јазик од институционални формулации и која дозволи вметнување на билатерални прашања во европскиот процес, да зборува за европска стратегија и достоинство.

 

„Ако денес сме заглавени во процесот, тоа е поради штетниот и непреговаран Договор од 2022 година, потпишан токму од СДС, без внатрешен консензус и спротивно на јавното мислење; Уставните измени не се закочени од ВМРО-ДПМНЕ, туку од недовербата на народот во процес што СДС го водеше без транспарентност, без одговори и со тајни додатоци“, се вели во реакцијата.

 

Исто така, Владата на ВМРО-ДПМНЕ не одбива уставни измени, туку инсистира тие да бидат дел од поширок договор, постигнат низ демократски процес, со гаранции за идентитетот и со заштита на државните позиции – нешто што СДСМ апсолутно го погази.

 

Претходно во Брисел, Филипче рече дека Северна Македонија е во бизарна ситуација на таканаречено самонаметнато вето, бидејќи Владата одбива да ги спроведе потребните уставни измени. Во својот говор, Филипче нагласи дека е неопходно ПЕС и групата СД во Европскиот парламент да преземат активна улога во процесот на проширување на Европската Унија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.