Денеска во 12:30 часот во Скопје ќе се одржи протестен марш за Крива Река

Денеска во 12:30 часот ќе се одржи протест за Крива Река. Маршот ќе почне пред Министерството за животна средина и просторно планирање, а ќе заврши пред Пред Државниот инспекторат за животна средина.

Од Зелен Хуман Град велат „институциите што требаше да ја спречат и превенираат хаваријата во рудникот Тораница не само што дозволија таа да се случи, туку и затаија“.

„И кога надлежните затајуваат, од кого да очекуваме веродостојни и итни информации за квалитетот на водата од која се наводнуваат посеви и се напојува добиток? Сите сме загрозени! Да не беше риболовниот клуб „Мрена” да земе мостра уште истиот ден на лице место, денес воопшто немаше да знаеме колку и со што е затруена Крива Река! Веќе не е важно дали си независен, партиски поддржувач, активист, апатичен, млад, стар, жена, маж, дете, куче, риба или птица. Важно е дека сите пиеме иста вода, дишеме ист воздух и јадеме храна од истата загадена почва. И сите ќе ја платиме цената“, стои во објавата на ФБ.

 

На протестниот марш ќе упатат неколку барања:

• Објавување на сите извештаи и анализи од Државниот инспекторат за животна средина;
• Истрага за службените пропусти при надзорот од Државниот инспекторат за животна средина;
• Истрага на Државниот инспекторат за техничка инспекција, и дополнително:
— Државен инспектор за геологија: задолжен за извештаи за преглед и испитување на опремата и орудијата за работа;
— Државен рударски инспектор (член 103 од Законот за минерални суровини): задолжен за контрола на исправноста на опремата и постапките во рударството;
— Државен инспектор за опрема, производи и постројки (член 104): задолжен за водење евиденција за техничките карактеристики, испитувања, одговорни лица, состојбата и безбедноста;
• Конкретни мерки за спречување на понатамошно загадување;
• Обврска за транспарентност и достапност на сите информации што се од јавен интерес во најкус можен рок.

„Секој молк е дозвола за нова хаварија. Секој од нас кој молчи и не бара одговорност и отчетност од надлежните институции за нивната работа, практично застанува на нивна страна и им ја поклонува платата. Не биди еден од нив“, се наведува во објавата на Зелен Хуман Град.

Предметот за загадување на Крива Река во Крива Паланка го презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.