
Муцунски на Анталија Дипломатски Форум: Западен Балкан е суштински дел од иднината на Европа
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 12 Април 2025

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес се обрати на панел-дискусијата „Регионална одговорност за просперитетна иднина на Балканот“, во рамките на 4. издание на Анталија Дипломатскиот Форум, кој се одржува во Анталија, Република Турција.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна интеграцијата во Европската Унија како стратешка цел на државата, а унапредувањето на регионалната соработка како клучен приоритет на македонската надворешна политика. Тој порача дека Западен Балкан не е проблем што треба да се менаџира, туку регион подготвен за напредок – не периферија, туку суштински дел од европската сегашност и иднина.
Муцунски ја нагласи потребата од јасен и опиплив пат напред кон полноправно членство во Европската Унија, како и значењето на регионалната политичка, економска и безбедносна одговорност. Во тој контекст, се осврна и на трагедијата во Кочани, посочувајќи ја како пример за важноста на блискоста со соседите и силата на солидарноста.
Министерот посебно го нагласи значењето на вложувањето во човечкиот капитал, јакнењето на конкурентноста на приватниот сектор и промоцијата на регионалните вредносни синџири како предуслов за одржлив раст. Само со ваков пристап, рече тој, можеме да спречиме одлив на млади, да поттикнеме циркулација на знаење и да изградиме долгорочна економија заснована на иновации и знаење.
Муцунски ја подвлече и улогата на Соединетите Американски Држави како значаен партнер кој обезбедува поддршка не само за безбедноста и политичката стабилност, туку и за економскиот развој на регионот.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
