Љубомир Фрчкоски осомничен за злоупотреба на буџетски пари во САД

Љубомир Фрчкоски, поранешниот шеф на Постојаната мисија на Македонија при ООН во Њујорк, заедно со уште три лица, е осомничен за злоупотреби во службата.

 

Според поднесената кривична пријава, Фрчковски како службено лице – шеф на Постојаната мисија при Обединетите нации во Њујорк од 20 април 2022 година до 6 октомври 2024 година, ја злоупотребил службата бидејќи постапил спротивно на инструкцијата од Министерството за надворешни работи од 25 април 2023 година и спротивно на мислењето од Министерството за финансии од 23 јули, 2023 година.

 

На сметката на Постојаната мисија на Македонија во ООН биле уплатени 3.998.721,72 американски долари, од заедничка продажба на сукцесиски објект на СФРЈ во Њујорк. Од тие пари на сметката на буџетот на Македонија потоа уплатил 3,94 милиони американски долари. Останатиот износ во висина од 58.721,72 американски долари, пак, останале на сметката на Постојаната мисија на Македонија во ООН.

 

„Истиот иако бил должен, паричните средства не ги уплатил на сметка на буџетот на РМ и истите незаконски и ненаменски ги потрошил, на начин што постапил спротивно на: правилникот за финансиско и материјално работење на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, упатството за водење на финансиското и материјалното работење на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, правилникот за плата, додатоци на плата и надоместоци на определени трошоци на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија и интерната процедура за начинот и постапката на планирање, спроведување и реализација на јавните набавки до ДКП-та на Република Македонија во странство“, се вели во кривичната пријава.

 

Се додава дека на овој начин Љубомир Данаилов-Фрчкоски остварил незаконско и ненаменско користење на буџетските средства по основ на земени аванси за службен пат, по основ на помалку вратен депозит за резиденцијата на амбасадорот, по основ на пречекорувања на дозволениот износ за мобилен телефон, како и неоправдани и дупли плаќања на одредени сметки за телефон, по основ на нерасчистено салдо во касата на Постојаната мисија на РМ при ООН во Њујорк, по основ на направени издатоци за репрезентација повеќе од дозначените средства од страна на МНР на сметката на Постојаната мисија во Њујорк, по основ на подигнати парични средства од касата на Постојаната мисија за поправка на службено возило без претходна согласност од МНР.

 

Според пријавата, причиниле штета на државниот буџет во вкупен износ од 116.576,9 американски долари.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.