Формирана Интерпартиска парламентарна група за следење на Националната развојна стратегија

Во Собранието се одржа Инаугуративната седница за Интерпартиската парламентарна група за следење на Националната развојна стратегија.

 

Со седницата претседаваше претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, кој е иницијатор за формирање на Групата. На седницата, покрај членовите, учествуваа копретседавачите на Групата и координатори на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ, Никола Мицевски и Оливер Спасовски, и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев и постојаниот претставник на УНДП, Арменд Григоријан.

 

Во своето обраќање, претседателот Гаши подвлече дека иницијативата за формирање на оваа Интерпартиска група ја поднел воден од значењето на Националната развојна стратегија за Република Северна Македонија, обемноста на реформите кои се очекува да бидат имплементирани преку нејзина примена, клучната улога на Собранието во процесот на донесување одлуки и неговата активна вклученост во координација на процесите на државно ниво, како и надзорната улога на Собранието врз извршната власт.

 

Нагласи дека Националната развојна стратегија е клучен стратешки документ што ја дефинира визијата за развој на државата и се темели на три национални развојни цели: зајакнување на конкурентноста на економијата, отворени модели на управување и социјална инклузија. Оваа стратегија обезбедува кохезија; демографска ревитализација, социјален и културен развој; сигурно, безбедно и отпорно општество; владеење на правото и добро управување и зелена трансформација.

 

Копретседавачот Мицевски укажа дека во време на глобални геополитички, климатски и политички предизвици, брзи технолошки промени и зголемени социјални нееднаквости, на земјава ѝ е потребна јасна, инклузивна и долгорочна визија.

 

„Националната развојна стратегија е државен документ кој многу тесно е поврзан со нашата стратешка цел – интеграција во Европската Унија. Многу од приоритетите содржани во Стратегијата — владеење на правото, еколошка трансформација, дигитализација, социјална инклузија, се европски вредности и стандарди. Со оваа стратегија нашата земја покажува дека е подготвена не само да се приближи до ЕУ, туку и суштински да ги имплементира европските вредности“, рече Мицевски.

 

Копретседавачот Спасовски подвлече дека Националната развојна стратегија е водилка за клучните приоритети на државата во следните 20 години.

 

„Нејзиното усвојување и имплементација покажува голема политичка зрелост, но и одговорност за заедничките, национални и долгорочни цели на државата. Се фокусираше на инклузивните политики, особено за младите, не само како корисници, туку и како креатори на Стратегијата, но и на ранливите групи, маргинализираните групи, лицата со попреченост и сите групи кои се соочуваат со било какви бариери“, рече тој.

 

Присутните се осврнаа и на воспоставениот систем за следење на НРС преку дигитална Контролна табла на www.nrs.mk , а во соработка со МАНУ и Универзитетот од Денвер се развиваат сценарија и индикатори за оценка на напредокот. Со поддршка на партнерите УНДП и Министерството за финансии на Словачка имплементацијата на Националната развојна стратегија ќе биде имплементирана во периодот кој следи со активно учество на сите заинтересирани страни.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.