
(Видео) Филипче: Историско задолжување од 6 милијарди евра, а Владата крие детали
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 19 Мај 2025

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција обвини дека постои недостаток на транспарентност и информации поврзани со содржината на договорите за нов кредит од 6 милијарди евра кој го зема Владата.
Тој посочи дека, според изјавите на премиерот и вицепремиерот, станува збор за два договори: „еден во делот на стратешка соработка, и еден договор на заем“ со Обединетото Кралство. Филипче потенцираше дека целата постапка се одвива без доволна информираност на јавноста и институциите: „Сметам дека јавноста, за жал, а ниту политичките субјекти, дали во парламентот или генерално во земјата, за ваков сериозен договор за заем, немаат доволно детали“.
Тој додаде дека Владата е должна веднаш да излезе со повеќе информации, бидејќи, како што рече, ваква рамка за волкава сума на пари досега нашата земја не потпишала со ниту една институција, со ниту една влада.
Истакна дека е особено важно да се знаат сите параметри, бидејќи се работи за огромни суми на пари, камати кои што не знаеме колкави се, а кои ќе ги враќаат следните генерации.
Во однос на првиот договор, за стратешка соработка, Филипче ја истакна поддршката од СДСМ.
„Апсолутно го поддржуваме“, рече тој, објаснувајќи дека и претходната влада потпишала ваков договор со Обединетото Кралство.
„Сметам дека тоа е земја, наш сериозен партнер во изминатите години, децении, секогаш, и во кризи кога сме биле, а и генерално во сите процеси за напредок на земјата, Велика Британија давала поддршка и тој чин, тој гест е за поздравување“.
Околу вториот договор Филипче изрази сомнежи и постави серија клучни прашања. Според Филипче, износот од 6 милијарди евра е алармантен.
„Огромна сума на пари, 6 милијарди евра, го надмина дури и нашиот буџет“, рече Филипче. Тој истакна дека прво мора да се утврди потеклото на средствата и да се одговори на прашањата дали парите се британски и директно од британската влада или станува збор за фонд којшто е лоциран во Велика Британија, а располага со пари од некоја друга земја.
Филипче потсети на заемот од Унгарија, за кој, како што рече, биле понудени полоши услови од оние на Светска банка:
„Ние докажавме и покажавме документи кога Владата зема ист таков влада со влада заемот од Унгарија, дека во тој момент кредитот, односно заемот кој што можевме да го земеме за развој на општините од Светска Банка, беше далеку поповолен од таа камата што ја даде Унгарија – 3,25 проценти, дополнително одредени провизии за банките коишто ги делат кредитите“.
Тој остро реагираше и на начинот на кој повторно се прави договор од типот влада со влада и за тоа колку ќе има транспарентност во трошењето на овие средства.
Како пример за целосен недостаток на информации, го наведе случајот со унгарскиот заем: „Ние, на пример, за парите кои што стигнаа од Унгарите немавме и јавноста, ама апсолутно никакви информации. Транспарентноста е еднаква на нула“.
Филипче оцени дека Владата мора итно да одговори на сите овие прашања, бидејќи, како што рече, се работи за клучна одлука со огромни импликации.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
