Нов министер за здравство ќе има следната недела, таа позиција останува во „Вреди“, вели Мицкоски

Владините коалиционери се договориле до крајот на оваа недела да се дефинираат кадровските решенија по излегувањето на Арбен Таравари од Алијанса за Албанците од Владата и од коалицијата „Вреди“. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека предлогот за нов министер за здравство ќе биде доставен до Собранието следната недела.

„Тоа портфолио останува во рамките на коалицијата ‘Вреди’. Очекувам во текот на следната недела да имаме предлог. Ние вчера, по владината седница, имавме коалициска координација. Разговараме за тоа што не очекува во периодот што е пред нас така што како краен рок крајот на оваа недела го дадовме за да ги дефинираме кадровските решенија и веќе да може во понеделник вторник јас да ги доставам до пратениците во Собранието“ рече премиерот Мицкоски денес по увидот во градежните работи за реконструкција на Гинеколошко – акушерската клиника во клиничкиот центар во Скопје.

Иако кажа дека позицијата министер за здравство останува во Вреди, премиерот Мицкоски нагласи дека како претседател на Владата има право да каже не за евентуален предлог на личност со која не би можел да соработува.

Откога стана извесна оставката на Таравари, лидерот на Беса, Билал Касами кој е дел од владината коалиција, кажа дека не е исклучена можноста за менување ресори со ВМРО-ДПМНЕ, односно дека е можно „Вреди“ да го преземе ресорот образование, а да го отстапи здравството поради што, неофицијално, актуелната министерка за образование Весна Јаневска се спомнуваше како кандидат за министерка за здравство. Таа кажа дека има уште многу работа во ресорот образование и потсети дека одлуките за состав на Владата ги носи премиерот и дека таа ќе оди онаму каде што премиерот ќе одлучи дека и треба на државата. Освеннеа,, како можен министер за здравство, неофицијално, беше споменат и актуелниот директор на Фондот за здравство, Сашо Клековски. Тој изјави дека доколку му боде предложено ќе прифати да биде министер за здравство, но доколку се обезбеди соодветна замена за него во Фондот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.