
(Фото) Република Македонија во Рим го одбележува денот на Свети Кирил и Методиј
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 23 Мај 2025

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска и утре престојува во Рим, Италија, како член на државно-црковната делегација предводена од претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, по повод чествувањето на денот на светите браќа Кирил и Методиј.
Делегацијата денеска присуствуваше на молебенот во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, со кој чиноначалствуваа владиците Јосиф и Јаков, заедно со претставници од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Во рамките на културната програма, организирана по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, министерот Љутков утре (24 мај) ќе присуствува и ќе има обраќање на концертот на маестро Симон Трпчески и квинтетот „Македонисимо“, што ќе се одржи во историскиот простор „Хорти Салустијани“ („Horti Sallustiani“) во вечниот Рим. Ќе бидат изведени дела од Едвард Григ, Петар Илич Чајковски и македонскиот композитор Панде Шахов.
Претходно, според предвидената агенда, државно-црковната делегација утре ќе го посети гробот на папата Франциск, а ќе положи и свежо цвеќе пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на Свети Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим е востановено во 1969 година, по повод 1100-годишнината од неговата смрт, и оттогаш се одбележува секоја година на 24 мај, со највисоки почести од државно-црковната делегација.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
